
Интервју на Максим Димитриевски за Вечер: На избори одиме во коалиција со граѓаните!
Новата политичка партија Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, се подготвува за избори. „Веќе сега, според релевантни анкети, котираме како трет партиски субјект во македонскиот политички блок, со индиции за поголем раст. За партија што постои неполни два месеца, ова е одлична почетна позиција. Јас сум убеден дека до почетокот на изборите, ќе станеме значаен фактор на македонската политичка сцена“, вели лидерот на партијата Максим Димитриевски, во интервју за весникот ВЕЧЕР. Потврдува дека на овие избори ќе настапат сами и додава дека единствена коалиција што ќе ја прават ќе биде коалицијата со граѓаните. Со Димитриевски разговаравме за претстојните избори и за програмата што ќе ја понудат на македонските гласачи, како и за актуелната општествено политичка ситуација во државава. „Нашата визија за Македонија е самоодржлива држава, со сопствени модерни капацитети за производство на електрична енергија и за производство на храна, развиено земјоделство, одржлив раст и развој; Македонија со нулта толеранција за корупцијата, каде што правдата мора да биде еднаква за сите и законот да важи за сите; Македонија која ќе гради соживот, толеранција и солидарност помеѓу сите етничките заедници, односно мултиетничко, а не биетничко општество“, вели Димитриевски во интервјуто за Вечер.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, од неодамна е официјално регистрирана партија и веднаш ја промовиравте како сериозен политички фактор на македонската политичка сцена. Кои се главните столбови врз кои ја градите програмската платформа?
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, официјално е регистрирано од страна на судот, во ноември минатата година. Граѓаните го промовираат Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија во сериозен политички субјект, а ние заедно со нив ги креираме програмите, ги претставуваме нашите политики, она за коешто се залагаме и ги интерпретираме нашите ставови. Веќе сега, според релевантни анкети, котираме како трет партиски субјект во македонскиот политички блок, со индиции за поголем раст. За партија која постои неполни два месеца, ова е одлична почетна позиција. Јас сум убеден дека до почетокот на изборите, ќе станеме значаен фактор на македонската политичка сцена. Главните политички столбови на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија се јасно прецизирани и во иницијативата за формирање на партијата, но и како заклучоци на основачкото собрание. Една од нив е платформата за национално обединување во која ќе бидат испишани црвените линии на македонската држава. Тие се однесуваат на постоењето на македонскиот народ (идентитет), историја, јазик, култура и така натаму. За нас, придобивките од Илинден и од АСНОМ се основен столб на независна Македонија. Нашата визија за Македонија е самоодржлива држава, со сопствени модерни капацитети за производство на електрична енергија и за производство на храна, развиено земјоделство, одржлив раст и развој; Македонија со нулта толеранција за корупцијата, каде што правдата мора да биде еднаква за сите и законот да важи за сите; Македонија која ќе гради соживот, толеранција и солидарност помеѓу сите етничките заедници, односно мултиетничко, а не биетничко општество.
Кои се другите аспекти на кои се фокусирате и кои ќе им ги понудите на Вашите поддржувачи? По што се разликувате од другите политички субјекти?
Нашата понуда до граѓаните ќе ја доставиме преку изборната програма што ќе биде усвоена на првиот конгрес на партијата, којшто треба да се одржи до почетокот на март оваа година. Во оваа пригода ќе ми дозволите да наведам само неколку од нашите програмски определби:
– Македонија со темелно реформирано судство, правосудство и обвинителство, со професионална и непартизирана администрација каде што шанса ќе има за сите;
– Македонија со сериозни државни капитални инвестиции, но и странски инвестиции под јасно прецизирани услови за да се избегнат сите можности за корупција;
– Македонија со системски различно образование во која младите генерации вистински ќе се стекнат со знаење, а нема да купуваат дипломи;
– Македонија со софистицирано, реформирано и бесплатно здравство;
– Македонија со достоинствени примања за пензионерите кои во минатото ја граделе оваа држава;
– Македонија со јасна младинска стратегија, во која нашите деца и внуци ќе останат во државата, а нема својот пат да го бараат во европските држави;
Сите овие реформи треба да ни го отворат европскиот пат, кој е една од нашите стратешки определби.
Вашиот став по Договорот за добрососедство со Бугарија е добро познат. Како да се излезе од ќор-сокакот?
Точно е дека Македонија се наоѓа во ќор-сокак. Тоа е така благодарение на лошата проценка и лошиот меѓународен договор, познат во јавноста како француски предлог, кој беше прифатен од актуелниот претседател и Владата на Македонија. Тоа е најштетниот договор за македонскиот народ. Од билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, за жал, прерасна во мултилатерален и нова преговарачка рамка за нашата држава за влез во ЕУ. Да ве потсетам дека ние до сега дадовме неколку предлози за решавање на актуелната ситуација, и истите ги заокруживме со нашиот јавно познат став: Немаме ништо против внесувањето во Македонскиот Устав на дел од бугарскиот народ кој живее во Македонија заедно со припадниците на другите народи, но тоа да важи по полноправното членство во Европската Унија. Ние мора да обезбедиме гаранција дека од страна на Република Бугарија нема да бидеме соочени со ново вето, и со нови условувања кои се однесуваат на постоење на Македонскиот народ и јазик. Сигурен сум дека новата Влада заедно со нашите меѓународни партнери ќе успее да издејствува измени во преговарачката рамка кои на Македонија ќе и обезбедат мирен европски пат. Секако мораме силно да се посветиме и на внатрешните реформи во државата, тука пред се мислам на анулирање на енормната корупција за која сведочат и дипломатските претставништва во Скопје.
Најавивте дека политичкиот субјект ЗНАМ – За наша Македонија ќе има за цел да работи на обединувачка агенда. Можно ли е такво нешто во вакво поларизирано општество?
Во право сте дека општеството е поларизирано. Но тоа е така само поради несовесните политики кои ги промовираат одредени политички субјекти. Со искреност и заемно разбирање, со чесно и одговорно работење кое е во интерес на граѓаните, а не на политичките елити може да се дојде до таков консензус. Сите чинители на политичката сцена мора да дадат сè од себе да промовираат обединувачка агенда за сите граѓани и етнички заедници кои живеат во Македонија. Само така Македонија може да опстане. Ќе повторам: Ние ќе понудиме платформа која ќе го обедини македонскиот народ со испишани црвени линии, но и силно ќе промовираме вистински соживот и меѓуетничка толеранција.
Како се подготвува ЗНАМ за претстојните избори? Ќе имате ли кандидатски листи во секоја изборна единица?
Во овој момент ние сме во фаза на формирање на нашите локални ограноци како партиска инфраструктура. Паралелно со тоа, работни групи во партијата ја подготвуваат нашата изборна програма. Во периодот што претстои ќе организираме разни форми на средби со граѓаните и трибини (студенти, земјоделци, пензионери, стопанственици, здравствени и образовни работници и други), од кои изворно ќе се информираме за сите проблеми што ги мачат граѓаните генерално и како целни групи и заедно со нив ќе ги креираме идните најдобри решенија. Сето ова ќе биде преточено во нашата програма и таа ќе биде едноставна, кратка и разбирлива за граѓаните, но пред се чесна, одговорна и остварлива.
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе има листи во секоја изборна единица. Ние ќе промовираме кадровски решенија кои се авторитети во своите средини, нови луѓе кои досега не добиле шанса во политиката и кои досега не им се огрешиле на граѓаните и државата и ќе претставуваат вистинско освежување на политичката сцена. Сето ова ќе биде заокружено на првиот конгрес на партијата.
Најавивте дека на претседателските избори ќе учествувате со свој кандидат, а јавноста очекува да Вам да Ве види во трката. Подготвени ли сте за ваков предизвик со оглед на тоа што имате сериозни проекти кои ги спроведувате како актуелен градоначалник на најголемата македонска општина Куманово, но исто така и со обврските кои Ви се наметнуваат како претседател на нова политичка партија?
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија ќе има свој кандидат за претседател на државата. Во овој момент не би сакал да шпекулирам со името на кандидатот. Во опција се неколку сериозни кандидати, докажани во своите професии. Ќе се консултираме со нашата партиска база и ќе спроведеме соодветна постапка, ќе ги направиме сите потребни анализи, ќе спроведеме неколку анкети и на крајот партиските тела и органи ќе ја донесат конечната одлука.
ЗНАМ за Наша Македонија е нова и мала партија, но според анкетите имате добра позиција. Големите политички партии разгледуваат можности за широка коалиција. Каков е Вашиот став во врска со ова прашање?
Не е точно дека Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија е мала политичка партија. Точно е дека на анкетите има добра позиција. Ние на овие избори ќе настапиме сами, односно единствена коалиција што ќе ја правиме ќе биде коалицијата со граѓаните. Да ги почекаме резултатите од изборите, да видиме кој каква тежина има и тогаш евентуалните разговори за коалицирање ќе ги спроведуваме врз база на нашите програмски определби коишто би биле прифатливи за нашите идни партнери. Не ја исклучувам можноста да останеме и во опозиција ако се повтори досегашната бизнис-прагма политика.
Во македонската парламентарна демократија помалите партии можат да се изборат за место во Парламентот само со коалицирање, но тоа редовно значи и отстапување од политичката програма заради поддршка на големиот коалициски партнер. Имате ли црвени линии во случај на постизборна соработка? Со кого евентуално би коалицирале или со кого едноставно ни насоне не би коалицирале?
Во право сте. Тоа е досегашната практика, а ние тоа ќе го измениме. Ве уверувам дека ние со самостоен настап на следните парламентарни избори ќе бидеме парламентарна партија со сериозна пратеничка група. Тоа ќе ни даде легитимитет да не отстапиме од нашите програмски определби и од нашите политички ставови. Секако дека ќе имаме наши црвени линии за постизборна соработка кои ќе бидат врз база на нашата изборна програма, но и државни и национални црвени линии врз база на нашите политички ставови. Ќе ми дозволите нив да ги соопштиме по претседателските и парламентарните избори.
За нас не е прифатлива коалиција со дел од политичките елити на СДСМ, ДУИ и ВМРО- ДПМНЕ кои се длабоко навлезени во криминал, корупција, непотизам и со нивните постапки не само што ја осакатуваат туку и ја приватизираат Македонија. Со нив ќе се справиме на друг, законски начин. Секој треба да одговара за злоупотреба на своите функции. Исто така, за нас не е прифатливо во идната влада да бидат личности кои со досегашното политичко творење ѝ нанеле штета на државата.
Пред секои избори помалите партии го актуализираат прашањето за измени на Изборниот законик. Предлогот за воведување на една место постојните шест изборни единици дури влезе и во македонското собрание, а на минатите локални избори се промовираа отворени листи како добар модел и за парламентарните избори. Но тоа и натаму зависи од волјата на големите политички партии. Каков е Вашиот став?
Пред секои парламентарни избори се отвораат овие прашања. И секогаш се формираат работни групи од политичките партии, кои наводно се за демократизација на избирачкиот процес и декларативно сите се залагаат за менување на начинот и формата на изборите. Да ви кажам искрено, уморен сум од ваквата рашомонијада!? Секој пат на крајот од овие дискусии досегашната практика укажува на победа на партискиот интерес врз демократијата. Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија силно го поддржува предлогот за воведување на една изборна единица наместо шест постојни. Таквиот модел би овозможил разновиден состав во Собранието, би наметнал различни дискусии во парламентот, истиот би добил на сериозност, парламентот суштински би имал контрола и надзор над Владата и воедно би се избегнал монополот на владејачките партии.
Корупцијата и непотизмот се длабоко вкоренети во македонското општество и се провлекуваат во секоја политичка гарнитура. Најавивте конкретни препораки за системско спречување на корупцијата, но може ли да се спроведат?
Ако се има желба, ако вистински се пристапи кон уништување на корупцијата, ако посветено и чесно се работи, се може да се спроведе и не е невозможна мисија. Ние најавивме коренити промени и реформи, пред сè, во судскиот и правосудниот систем. Оттаму треба да се тргне. Ако немаме нарачани обвинителни акти и немаме договорени судски пресуди од инсталирани партиски обвинители и судии, Македонија ќе тргне напред. Ова е првиот предуслов за вистинска реализација на паролата од која сè уште се водам и верувам „Нема правда, нема мир“. Наместо оваа парола, дел од моите бивши сопартијци и нивни коалициски партнери донесоа измени во Кривичниот законик со кои се амнестираат осудените функционери од претходната влада, но и криминализираните функционери од актуелната влада. И сето ова се носи по кратка постапка, замислете, со европско знаменце и притоа никој не реагира!? Затоа еден од условите за учество во идната влада ќе биде и враќањето во сила на стариот кривичен закон. Непотизмот е рак-рана на македонското општество присутен во сите институции. Предвидуваме законско решение што ќе ги оневозможи идните такви дејствија.
Jавноста секојдневно ја тресат скандали во кои се вклучени или високи функционери, политичари или членови на нивните потесни семејства, но сите тие се „чудо за три дена“… А, во меѓувреме, тонеме во отпад, дишеме загаден воздух…Мислат ли политичарите на граѓаните само пред избори?
Карактеристика за овој шестгодишен мандат на ДУИ и нивниот приврзок од раководството на СДСМ е таканареченото производство на низа коруптивни скандали. И за тоа никој не одговара. Само во последните две недели сведоци сме на насилничко освојување на просториите на М-НАВ од страна на поединци од раководството на ДУИ, што за мене претставува терористички акт со кој е загрозена безбедноста на македонското небо како дел од НАТО воздушниот простор…, избега функционер на ДУИ од домашен притвор кој е обвинет за даночна измама…, се злоупотребува владин кабинет во кој моментално престојува Артан Груби, мастермајнд за игри на среќа, а продолжуваат приватните журки на Али Ахмети, кој ги изразува своите пејачки афинитети поткрепени со оркестар… И внимавајте, челниците на СДСМ мудро молчат бидејќи се зафатени со провизии од државниот проект „Коридор 8“, „Чебрен и Галиште“ и многу други скандалозни „стратешки“ проекти. Што значи, дилот супер им оди и друго не ги интересира. Да не говорам за скандалите од типот на Ласкарци, Тетовска болница и слични на нив, во кои беа изгубени многу човечки животи. Коруптивен е проектот со „Коридорот 8“, за кој се исплатени повеќе од 200 милиони евра народни пари, избрана е фирма за надзор, која е производител на долна облека, а досега нема никаков напредок на проектот кој е започнат без соодветна основна документација… И мува не ги лази. Е тоа е оваа власт предводена од ДУИ и СДСМ. Тие кои на минатите избори ни се претставуваа како реформирана зелена партија и овие другите, кои се претставуваа како проевропска партија, всушност, се соединија во една единствена партија која се вика КОРУПЦИЈА. Тврдам дека се можни промени, со вистински луѓе на вистински места, со чесно и вредно работење, со визија и макотрпна работа. Таква ќе биде нашата понуда. Тоа со тимот го направив во Куманово, ќе го направиме и во Македонија.
Во овие празнични денови како да ја нема онаа магична атмосфера. Вредноста на заедништвото и топлата прегратка згасна во секојдневните штрајкови, протестите, на осиромашениот народ… наспроти покачените функционерски плати и скандалите… Можеше ли поинаку?
Народот ни е несреќен, власта е аздисана!? Таквата атмосфера е резултат на политиките кои ги креира владата во континуитет. Неправда, нееднаквост, криминал и корупција. Ниту завршените новогодишни и божикни празници не влијаеја на промена на расположението на граѓаните. Граѓаните не веруваат веќе никому, незаинтересирани се за политички активизам, летаргични се, има висок степен на депресија, разочарани се, немаат заштита, се плашат за својата иднина и сето тоа доведува до една политичка теза во која се мисли дека СИТЕ СЕ ИСТИ. Покачувањето на функционерските плати преку Уставниот Суд е само шлаг на себичноста на оваа влада. Наместо буџетските средства рамноправно да се поделат на сите, тие си ги земаа само за себе. Затоа би сакал да ја искористам оваа пригода да ги повикам граѓаните на Македонија, да се одважат, да се вклучат во политичкиот живот, масовно да излезат на избори и самите да бидат креатори на својата судбина. Добро да размислат пред да гласаат и да донесат одлука за која сметаат дека е најдобра за нив и нивните семејства.
Во спротивно, Македонија ќе остане во живиот песок во кој сè подлабоко ќе тоне.
Да, за Европска Унија, но таму да влеземе достоинствено и гордо!
Реална ли е европерспективата на Македонија?
Ние географски, историски и културолошки припаѓаме во Европа и друг пат или алтернатива немаме. Европската перспектива е едно од малкуте прашања за кое има консензус од сите политички чинители во државата. Македонските граѓани платија висока цена, чекорејќи по тој пат. Сменивме знаме, сменивме име на држава, направивме компромиси во повеќе меѓународни, но и домашни договори, и сè уште не сме ги почнале преговорите. Предолго сме во чекалната на Европската Унија и покрај сите направени жртви, па тоа дополнително ги фрустрира македонските граѓани. Од нас денес се бара да се откажеме од постоењето на македонскиот идентитет, јазик и историја, а тоа е недозволиво.
Да, за Европска Унија, но таму да влеземе како и сите други, под истите услови. Достоинствено и гордо. Всушност, почитувајќи ги основните вредности за право на избор и определба кои се столбови на Европската Унија. Потребна ни е помош од нашите стратешки партнери, САД и ЕУ, притисокот кој во моментов е насочен кон нас да го префрлат и кон нашиот сосед, Република Бугарија. Се плашам дека и во самата Европска Унија постои заситеност од примање на нови членки, а за тоа сведочат и најавените реформи во неа, кои ги предводат и промовираат неколкуте водечки земји членки на Европската Унија. Во меѓувреме ние треба да си ја завршиме нашата домашна задача, да ги направиме сите потребни реформи во државата, да овозможиме функционирање на системот, да го зголемиме стандардот на граѓаните и да најдеме начин како да дојдеме до европските фондови, односно да ги користиме европските фондови и пазари. Можеби добра шанса е тоа да го направиме преку, според мене добриот проект „Отворен Балкан“, Балкан силен, заемно поврзан и перспективен. (Р.В.)