
Не копираме ние, ВМРО-ДПМНЕ не копира нас – вели Максим Димитриевски за сличноста на ставовите за уставните измени
„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по лидерската средба, де факто го препиша или прераскажа нашиот предлог објавен претходно во интервју и јас сум среќен за тоа. Ние малите сме креативни и секогаш можеме да понудиме покреативни и суштински решенија“ – вели кандидатот на ЗНАМ за шеф на државата
Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ за претседател на државата
Широки сме како народ, но не сакаме да работиме под притисок и уцени. Уставните амандмани се прифатливи, но со важност од моментот кога ќе биде членството на Македонија ратификувано во парламентите на земјите членки на Европската Унија.
Ова се дел од ставовите на кандидатот за претседател на државата од партијата ЗНАМ, Максим Димитриевски, искажани во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Со оглед на тоа што ставовите за уставните измени, односите со Бугарија и преговорите со ЕУ му се подудараат со оние на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски беше прашан – кој од кого препишува?
„Не го копираме ние ВМРО во овој случај. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по лидерската средба, де факто го препиша или прераскажа нашиот предлог објавен претходно во интервју и јас сум среќен за тоа. Ние малите сме креативни и секогаш можеме да понудиме покреативни и суштински решенија“,
рече Димитриевски.
Во програмата „Македонски манифест“ на Максим Димитриевски пишува дека во интерес на побрза интеграција, во првите 100 дена, доколку ја добие довербата од граѓаните, ќе инсистира на „формирање специјален експертски ЕУ тим кој ќе започне преговарачки процес за адаптација на преговарачката рамка во согласност со реалните внатрешни општествени околности во врска со историските прашања кои ги оспорува нашиот источен сосед, а се директно поврзани со генезата на македонскиот национален идентитет“.
„Ние сме многу широки како народ и секогаш има простор. Но не сакаме да работиме под притисок, уцена и закана како што е случајот со Бугарија и не сакаме негации. Бараме реципроцитет и од другата страна, разбирање, бидејќи таму има пресуди од Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, каде што треба да се унапредат одредени права и на граѓаните во Бугарија кои по етнос се чувствуваат како Македонци. Но, дополнително тогаш, да, можни се прифаќања на уставните измени, но амандманите да бидат спроведени од моментот кога Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија и таа одлука ќе биде ратификувана од сите земји членки и нивните парламенти, а дополнително ќе се самозаштитиме од нови барања“,
вели Димитриевски во интервјуто.
Конкретно во програмата на Димитриевски на ова тема пишува: „Во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со соседна Република Бугарија, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија“.
Според Димитриевски, прашањето со Бугарија можело да се затвори во истиот момент кога се решаваше прашањето со името со Грција, но тогаш недостасувало политичка мудрост за тоа.
Максим Димитриевски потенцира дека чувствува одговорност за тој период, бидејќи иако не гласаше во Собрание оти не беше пратеник во тој парламентарен состав, сепак учествуваше во кампањата за референдумот за Преспанскиот договор.
„Јас како човек не можам да се изземам од тој процес бидејќи иако не гласав за таа одлука во Собрание, бидејќи не бев член на Собрание, јас учествував во кампањата за референдумот. Но, референдумот беше, за жал, иако масовно луѓето коишто излегоа гласааа ’за’, сепак не беше успешен, не беше согласно Уставот. И мислам дека тука се направи грешка и јас тоа им го имам кажано уште во тој момент на многу мои сопартијци – се постапи спротивно на тоа што граѓаните го сакаа. Бидејќи со апстиненција, всушност, испратија порака слична како и за референдумот за територијална реорганизација“,
изјави Димитриевски.