Движење од граѓаните за граѓаните
На 9 Октомври 2023 година, во Скопје, водени од лошата политичка, економска и социјална криза во која е доведена наша Македонија, претседатели на 10 граѓански здруженија се одважија и заедно со граѓаните на Македонија и идејниот творец на граѓанскиот концепт и актуелен градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски потпишаа иницијативата за формирање на нов политички субјект, “Движење ЗНАМ – За наша Македонија”.
Фото галерија
Содржина на Иницијативата
ИНИЦИЈАТИВА ЗА ФОРМИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИ СУБЈЕКТ
Движење ЗНАМ – За наша Македонија
Поттикнати од лошата политичка, економска и социјална криза во која е доведена наша Македонија, ние, иницијативниот одбор за формирање на нов политички субјект, Движење ЗНАМ – За наша Македонија, штитејќи ги интересите на македонската држава, македонскиот народ и сите етнички заедници кои живеат во Македонија, водејќи се од европските начела и вредности, се одваживме да ја отпочнеме оваа иницијатива за формирање на движење кое ќе направи суштински промени во Македонија.
Оваа наше движење од самото основање ќе работи на коренита промена, од Македонија да направи правна држава, со европско образование, здравство и заштита на човековата околина и природните богатства, во која ќе има достоинствен живот за сите нејзини граѓани.
Идеолошките темели на нашето движење се Илинденските и Асномските принципи и референдумските одлуки на граѓаните на Република Македонија за нејзино осамостојување како независна и суверена држава. Ќе се залагаме за заштита и унапредување на интересите на македонскиот народ и другите етнички заедници во Македонија, како и културните и граѓански права на македонското малцинство вон границите на Македонија согласно европските стандарди и сите меѓународни конвенции и договори. Ќе се бориме за развој на демократско општество и меѓуетничката толеранција почитувајќи ги сите човекови права и слободи, борба против корупција и развој на професионален државен апарат врз база на одговорност, транспарентност и отчетност.
Сите потписници на оваа иницијатива, членови на иницијативниот одбор се обврзуваат во нареден период да ги преземат сите правни дејствија за реализација на иницијативата до законска регистрација на политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Оваа иницијатива ќе биде во целост интегрирана во текстуалниот дел во основачкиот акт на нашaта политичка партија.
Потписници
Даниел Стојчевски, Емил Јанески, Миха Оџаклиески, Небојша Захариески, Звонко Илијевски, Љубомир Величковски, Ангел Купанов, Илија Илиев, Борче Серафимовски, Жанета Делова, и Максим Димитриевски.