Професор Циривири: ЗНАМ со реформите во здравството ќе овозможи граѓаните да добијат подобри третмани, во современи регионални центри, со реални цени на услугите
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која професор доктор Јасмин Циривири ги претстави клучните прашања од областа на здравството во изборната програма „Проглас за достоинствена Македонија“ на Движењето, за претстојните парламентарни избори.
Професор Циривири рече дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија нуди конкретни мерки за идните реформи во областа на здравството, а тие во основа подразбираат максимално и професионално залагање од страна на секој чинител во здравствената сфера. Целта е, како што рече, тој пристоен и достоинствен живот на секој граѓанин во државата, со еднаков пристап до потребните услуги. Циривири додаде дека ЗНАМ сака да покаже дека може да се создадат услови граѓаните да бидат здрави, работоспособни и да придонесуваат за општата благосостојба. Тој посочи дека за да се направи тоа е потребно:
„Реконструкција на постојните и доизградба на започнатите медицински установи на територијата на Македонија, со акцент на формирање на три здравствени центри во Штип, Битола и Тетово, по примерот на ГОБ „8ми Септември“. Тоа е од стратешко значење, бидејќи ќе овозможи брз пристап и услуги на граѓаните, како и подигање на нивото на третманите со софистицирани дијагностички методи“.
Истовремено, како што рече тој, граѓаните нема да бидат изложени на дополнителни материјални трошоци и стресови при добивањето на здравствените услуги, кои им следуваат по сите морални и здравствени норми во едно современо општество. Циривири додаде дека при тоа ќе се направи итно пополнување на дефицитарниот специјалистички кадар во овие установи со упатување на млади лекари на специјализација, вклучувајќи ги и приватните специјализанти. Исто така ќе се направи и привремено дополнување на медицинскиот кадар по принципот на ротација во регионалните центри со кадар од болниците во главниот град, до моментот на оспособување на доктори од дефицитарните специјалности во истите.
„Очекуваме, рече доктор Циривири, – Со ова да се намалат листите на чекање за софистицирани дијагностички процедури и особено елективните оперативни третмани“.
Како втора мерка се предвидува формирање на реални цени на здравствените услуги од страна на Фондот за здравствено осигурување со цел исплата според извршените услуги кон здравствените установи, со што ќе се овозможи самоодржливост на истите.
„Структурата на реалните цени подразбира режиски трошоци, дневниците на персоналот неопходен за оптимално функционирање на основна единица – на ниво на одделение, потрошниот санитетски материјал, како и амортизацијата за одржување на непотрошниот санитетски материјал. Со овој систем се зголемува мотивираноста на установите да ја зголемат ефикасноста и постојано да го подобруваат квалитетот во пружањето на здравствена нега. Овој принцип на економско делување овозможува непосреден увид во финансиската состојба на установата и активно учествуво во планирањето и трошењето на потрошниот и непотрошниот медицински материјал и опрема, како и во одржувањето на болничките капацитети“, рече Циривири.
Формирањето на диспечерски податаочен центар во Министерството за здравство, е третата мерка што се предвидува.
„Со неа ќе се овоможи постојан увид во исполнетоста на капацитетите на сите здравствени установи во државата.Оваа централизација на логистичките податоци овозможува навремен транспорт и прием на итните пациенти, за да се надмине беспотребното лутање на болничките возила по здравствените установи без точна информација за слободно место за прием на итните пациенти. Овој центар, исто така, ќе има клучна улога особено при згрижувањето на пациентите при масовни незгоди, железнички,автобуски, какон и поплави, земјотреси итн“, нагласи доктор Циривири.
Една од мерките за подоборување на состојбите во здравството е и креирањето на реални, конкурентни плати во сите сектори и нивоа на здравството.
„Во ставките за плати, додатоци и надоместоци на плати во Буџетот, ќе се зголеми масата на средства за најмалку 15 проценти, и на тој начин ќе се обезбеди соодветно зголемување, како на докторските, така и на платите на медицинските сестри и помошниот персонал. Порастот на платите ќе се усогласува со порастот на минималната плата“, рече доктор Циривири.
Тој нагласи дека медицинскиот персонал ќе биде во процес на континуирана медицинска едукација во соработка со здравствени установи кои се движечки центри во развојот на современата медицина, а Министерството за здравство ќе го координира развојот, овозможувајќи доостручување, по предлог на непосредните носители на стручната дејност, во согласност со потребите на установите.