Захариевски: ЗНАМ предвидува мерки за развој на бањскиот и медицинскиот туризам од кои Македонија може да оствари значајни приходи
Небојша Захариевски, носителот на кандидатската листа за пратеници во ИЕ 6 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која ги претстави мерките за развој на туризмот, предвидени во програмата на Движењето „Проглас за достоинствена Македонија“.
Тој рече дека во делот на градењето на Македонија како самоодржлива држава, туризмот зазема мошне важно место во Програмата, затоа што со добро развиен туризам, Македонија може да обезбеди и самоодржлив економски развој и просперитет на сите граѓани подеднакво во сите осум плански региони. Ова поради тоа што Македонија поседува одлични природни предуслови за максимален раст и развој на оваа гранка.
„За да се постигне максимумот ќе ги преземеме следните конкретни мерки и чекори:
– промоција на македонските културни и природни богатства, преку директно субвенционирање на проекти за афирмација на природното и културното наследство на Македонија;
– развивање на алтернативни облици на туризмот – планинарењето, качувањето, велосипедизмот, кампувањето, оф роуд скијањето, алпинизмот, етно селскиот туризам;
– обезбедување на развој на бањскиот и на медицинскиот туризам на највисоко ниво, изградба на комплетна инфраструктура како предуслов за изградба и модернизација на нови бањски системи, како и преку субвенционирање на наменски авионски летови за туристички групи на овие локации;
– подобрување на менаџирањето на сите Национални паркови во Македонија, особено нивно поврзување со сите локални туристички чинители во најширок контекст се со цел забрзување на промоцијата и препознатливоста на туристичките содржини и екслкузивитети со кои располага Македонија како неоткриена светска дестинација“, рече Захариевски.
Тој додаде дека за да може сето ова беспрекорно да функционира ќе се воведе систем за формирање туристички дестинации според европски модел. Секој плански регион ќе претставува туристичка дестинација, односно осум плански региони ќе претставуваат осум туристички дестинации плус градот Скопје, се со цел за подобро претставување пред светската туристичка клиентела.
„Во овој контекст, рече Захариевски, – Напоменуваме дека мошне важно место во спроведувањето на овие мерки ќе има соработката со коморските туристички организации и со туристичките синдикални организации, за да може и тие да дадат придонес и партнерски да учествуваат во носењето на сите наведени мерки и приоритети за развој на туризмот во Македонија“.