Претставници на Движењето ЗНАМсе сретнаа со министерската Весна Јаневска на тема пакетот закони од областа на високото образование и науката
Претставници на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, потпретседателите Павле Арсоски и Борче Серафимовски и координаторот на пратеничката група во Собранието, Бобан Карапејовски, во просториите на Министерството за образование и наука се сретнаа со министерската, Весна Јаневска. Тема на разговор беа пакетот закони од областа на високото образование и науката – Законот за високото образование, Законот за квалитет во високото образование и Законот за научноистражувачката дејност. Низ конструктивен разговор беа постигнати неколку дополнителни појаснувања и формулации што ќе бидат дел од овие закони.
Во однос на приватните високообразовни институции, беше заклучено дека се допрецизира и се уточнува начинот на давање банкарска гаранција на овие институции. Изборите во звање ќе бидат со повисоки критериуми, при што беше постигнат консензус дека во областа на лингвистиката, покрај базите Веб од сајнс и Скопус, ќе се земе предвид и базата ЕБСЦО. Беше истакнато дека овие закони се добра основа за натамошен развој на високото образование и на науката, области во кои државата постојано треба да вложува, да ги унапредува и да ги развива, и преку перманентно следење и подновување на законската регулатива.