ЗНАМ: ГРАДИМЕ ЕНЕРГЕТСКИ СИЛНА И НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА – ОД ВЕТУВАЊА КОН КОНКРЕТНИ РЕЗУЛТАТИ
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Владата влезе со јасна определба: изборната програма да не остане само предизборно ветување, туку да стане дел од владините политики и конкретни проекти што ќе го менуваат животот на граѓаните. Денешниот отчет за работата на Мирослав Лабудовиќ, Заменик министер во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е потврда дека оваа определба се претвора во конкретни активности и резултати. Кога ЗНАМ ја презеде одговорноста за овој стратешки сектор во 2024 година, наследи бројни структурни проблеми, недоволно развиени производствени капацитети, одложувани капитални проекти и систем кој со години се соочуваше со сериозни предизвици. Наместо изговори и префрлање на одговорноста, нашите кадри се зафатија со работа. Паралелно со институционалното воспоставување на Министерството, започнаа суштински реформи во енергетиката, рударството и управувањето со природните ресурси. Во енергетиката поставивме нова законска рамка преку Законот за енергетика, Законот за користење енергија од обновливи извори и Законот за енергетска ефикасност. Но, нашата цел не е само носење закони, туку создавање функционален систем кој ќе обезбеди сигурно производство, стабилно снабдување и подобри услови за инвестиции. Придвижени се проекти во преносниот систем кои со години беа блокирани, создадени се попредвидливи услови за приватните инвестиции, а стабилноста на домашното производство е зачувана и покрај наследените проблеми со производствените капацитети. Македонија мора да произведува повеќе сопствена енергија и да биде помалку зависна од увозот. Во таа насока се започнати инвестиции во околу 200 мегавати фотоволтаични централи, нови ветерни централи и проектот за когенеративна гасна централа во Битола со капацитет од околу 250 мегавати. Особено значајно е придвижувањето на големите стратешки енергетски проекти Чебрен и Галиште и „Вардарска Долина“, кои претставуваат важен потенцијал за долгорочна енергетска стабилност на државата. Со гасните интерконектори со Грција и Србија, Македонија ја зајакнува својата инфраструктурна позиција и се поврзува со регионалниот Вертикален коридор. Ова е важен чекор кон диверзификација на снабдувањето и зголемување на енергетската и економската безбедност. ЗНАМ се залага за држава која управува со сопствените ресурси и го штити јавниот интерес. Затоа, во рударството е засилен надзорот врз концесионерите, а повеќе од 50 концесии се еднострано раскинати поради неисполнување на преземените обврски. Подготвени се и нови законски решенија во областа на рударството и геологијата, со цел современо управување со природните богатства, поголема институционална контрола и заштита на интересите на државата и граѓаните. За ЗНАМ, природните богатства не смеат да бидат привилегија на поединци на сметка на јавниот интерес. Тие мора да бидат ресурс за економски развој, нови работни места и поголем просперитет на Македонија. Истовремено, посветено се работи и на социјалната димензија на енергетските политики. Со новата методологија за утврдување на енергетската сиромаштија и таргетираните програми за поддршка на ранливите категории, се создаваат подобри механизми за помош на граѓаните на кои таа им е најпотребна. Од Движењето ЗНАМ сметаме дека вистинската енергетска политика не се мери само со мегавати, инвестиции и закони, туку и со сигурноста на граѓаните, конкурентноста на стопанството и можноста државата самостојно да управува со својата иднина. Овој отчет покажува дека за две години се поставени значајни темели: нова законска рамка, придвижени капитални инвестиции, зајакнато домашно производство, регионално енергетско поврзување и засилена контрола врз концесиите. Не тврдиме дека се решени сите проблеми. Напротив, свесни сме дека енергетската трансформација е долгорочен процес. Но, разликата е во тоа што процесите се придвижени, одлуките се носат, а преземените обврски се претвораат во конкретни политики и проекти. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе продолжи да ги спроведува определбите од својата изборна програма, затоа што во Владата не влеговме заради функциите, туку заради одговорноста да донесеме промени. Нашата цел е јасна: енергетски посилна, економски постабилна и институционално поодговорна Македонија. Тоа е политиката на ЗНАМ. Тоа е одговорноста што ја презедовме и обврската што продолжуваме да ја исполнуваме пред граѓаните и пред Македонија.