Димитриевски: Нема да дозволам Македонија да биде приватна држава, ниту на ДУИ, ниту на било кој друг, а најмалку пак моја
“Јас се чувствувам космополит и не ги делам граѓаните ниту по етничка, верска или политичка припадност, но за жал кога зборуваме за мултиетничко општество, ние го гледаме наративот на ДУИ којшто влезе во парламентот со пушка, веднаш потоа ја запоседна врз база на трендот и популизмот законодавната власт, преку тоа и извршната власт и денеска гледаме како ја запоседнува независната, судската власт, обвинителството и сите државни органи. И за жал, пред секои избори наративот на моноетничките субјекти коишто доаѓаат од албанската проминенција е всушност се поригорозен во делот на дефинирање на националните албански интереси. Јас немам намера во мојот политички активизам заедно со моите политички истомисленици да дозволам Македонија да биде приватна држава, ниту на ДУИ, ниту на било кој друг, а најмалку пак моја”, порача вечерва градоначалникот на Општина Куманово и лидер на политичкиот субјект Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во Само Вистина на Канал 5, осудувајќи ги активностите на албанската партија ДУИ и политички субјекти коишто имаат моноетничка или албанска проминенција и гестовите на покажување знаме на Голема Албанија или интонирање само албанска химна, за коишто вели дека го кршат Законот и создаваат фрустрации кај македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија.
За Димитриевски е неприфатливо во Слупчане да никне 37 метри високо спомен обележје или поставување на спомен плоча со карта на Голема Албанија, активности поддржани од владејачката ДУИ, а како што вели во континуитет да не се обезбедува бадинтер за да се изгласа и да се изгради едно спомен обележје на бранителите од 2001 година.
“Тоа е директно кршење на Уставот и директно кршење на Законот, но за жал нема храбри министри кои што треба да постапат согласно Законот. Неприфатливо е за мене во Слупчане да никне 37 метри високо спомен обележје, а во Куманово во континуитет да не се обезбедува бадинтер за да се изгласа и да се изгради едно спомен обележје на бранителите од 2001 година. Гласаат сите политички субјекти на Албанците и бидејќи ДУИ е најбројната партија во советот која тоа не го дозволува. Наместо да има сенс и да каже Да, ние го поддржуваме тоа. Тоа е историјата, гинеа луѓе и од едната и од другата страна, но почит и чест за војниците, но нема почит за политичарите бидејќи тие што беа војници и се бореа за одредени права и тие од наша македонска страна коишто се бореа за заштита на уставниот поредок, добар дел од нив загинаа, денес нивните семејства се прашуваат зошто загинаа истите, а политичарите кумуваат во континуитет и играат со националните чувства на етничките заедници. Треба да се постави прашањето што е резултатот од едностраните вакви дејанија од страна на во овој момент партија којашто е на власт. Да се случи еден ваков преседан и притоа никој да не излезе и да се извини во најмала рака пред јавноста е директно нарушување на меѓуетничките односи”, потенција Димитриевски.