Коридор 8 е капитален грабеж во државата чиишто пари треба да се преусмерат за проектот Чебрен
“Стратешките проекти за државата треба да бидат реализирани со наши домашни пари. Место да трошиме пари на проектот Коридор 8 којшто веќе го имаме, изграден е преку Косово и треба квалитетно да се конектираме, а од друга страна веќе градиме уште еден таков. Парите од Коридорот 8 којшто не е капитален проект, туку капитален грабеж во државата да се преусмерат во капиталниот проект Чебрен и да се врати на дискусија и анализа и целиот проект за Вардарска долина бидејќи е исклучително полезен проект за Македонија. Дополнително да се обезбеди гасификација, тоа ни е го направивме на локално ниво во Куманово, треба да се гасифицира и државата, како и да се донесе гас до нашиот најголем капацитет за производство на електрична енергија РЕК Битола”, вели градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски по потпишувањето на иницијативата за формирање нов политички субјект Движење ЗНАМ-За наша Македонија.
Прашан дали во овој субјект има и препознатливи лица од политичкиот живот, тој вели дека на Македонија и треба нова сила, нова енергија, нови луѓе да добијат шанса и да се докажат.
“Од препознатливите видовме што направија. На настанот имаше многу лидери на здруженија, еминентни професори, академици. Она што е најважно, имаше една сериозна енергија и убеденост кај присутните луѓе да се создаде тој политички субјект бидејќи е неминовен да се појави на политичката сцена и да ги преземе одговорностите, да ги решава проблемите во државата бидејќи гледаме секојдневно што ни се случува во државата”, додава тој.
Изјавата на министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски дека помеѓу односите со градоначалникот Димитриевски има запирка како можност во иднина да седнат на иста маса и разговараат, за Димитриевски е завршена работа од моментот кога тој тргна како независен кандидат со поддршка на граѓаните.
“Јас заедно со моите истомисленици и со мојот тим продолжуваме понатаму, ние планираме да се бориме да ја освоиме власта, а не да се враќаме во минатото. Час поскоро оваа актуелна власт и оваа политичка гарнитура или тоа биро коешто всушност ја приватизира таа поранешна партија моја, треба час поскоро да си замине од власт. Но граѓаните треба да внимаваат и кого всушност ќе стават на таа позиција бидејќи предолг временски период граѓаните велат дека живееме во црно-бел свет. Верувам дека политичката опција Движење ЗНАМ – За наша Македонија ќе ја добие апсолутната поддршка од граѓаните на следните парламентарни и претседателски избори кога и да се одржат”, порачува Димитриевски, идеен творец на новоформираниот политички субјект Движење ЗНАМ- За наша Македонија.