Димитриевски: Во Македонија има соживот само помеѓу политичката елита
„Ние во Македонија имаме единствено соживот помеѓу политичката елита. Реален соживот помеѓу нашите граѓани на дело го немаме. Во мое Куманово младите Албанци и младите Македонци не се разбираат кога говорат. На плоштад говорат на англиски јазик што е погубно. Каква интеграција ќе имаме ние? Тоа само дополнително ми потврдува дека некој работи на дополнителна агенда на сегрегација и конфронтација на Македонија од прост тип во сложен тип. Не се разбираме затоа што Албанците не знаат да говорат македонски јазик, вели Максим Димитриевски, лидер на новиот политички субјект ЗНАМ – За наша Македонија и актуелен градоначалник на Општина Куманово во вечерашното гостување во „Само вистина“ со Изет Меџити, осврнувајќи се и на поддршката којашто ја даде албанскиот политички блок на Францускиот предлог без да се грижи за чувствата на мнозинството македонци во Македонија.
„Целиот албански и политички етаблишмент даде поддршка на францускиот предлог без притоа да не го почувствува чувството на мнозинството на македонскиот народ во државата. Соживотот значи взаемно почитување и уважување, а мислам дека од 2000 година Македонија направи многу на тој план во делот на унапредување на правата кај етничките заедници“, додава тој.
За Димитриевски е погубно во сопствената државата главните национални прашања на македонците да ги решаваат претставници во парламентот коишто доаѓаат од друга етничка заедница.
„Ние денеска македонците во сопствена држава се наоѓаме во ситуација главните национални прашања да ни ги решаваат претставници во парламентот коишто доаѓаат од друга етничка заедница, во овој случај од албанскиот блок партии дополнително со поддршка на лидершипот на СДСМ. Доколку се работеше за вашиот албански јазик да некој вас ве негира како Албанци, првично јас како Македонец никогаш немаше да дозволам негација на вас, ниту ќе дозволев гласање на Уставот и ќе имавте поддршка во континуитет од мене. Дали ќе се однесувавте вие како што се однесувате денеска во оваа ситуација?“, прашува Димитриевски.