Првиот Конгрес на партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија ќе се одржи на 22 февруари 2024 година
Партијата Движење ЗНАМ-За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која го најави Првиот Конгрес, што ќе се одржи на 22 февруари 2024 година. На Конгресот, како што рече портпаролот на партијата, Никола Мемов, ќе бидат донесени следните одлуки: – Oдлукa за усвојување на Статут на партијата – Избор на Претседател на Движење ЗНАМ-За наша Македонија – Избор на членови на Централен одбор – Избор на членови на Надзорен одбор – Утврдување на Предлог на кандидат за Претседател на Македонија.
Мемов објасни дека по одржувањето на иницијативата за формирање на нов субјект на политичката сцена во Македонија, во ноември 2023 година се одржа Основачко Собрание на партијата на кое беше избрано привремено раководство со мандат до одржувањето на Првиот изборен Конгрес. „Како што и е познато на јавноста, додаде Мемов, на Основачкото Собрание за в.д. Претседател беше избран господинот Максим Димитриевски, а беа избрани и в.д. Извршен и в.д. Надзорен одбор од по три членови. Партијата Движење ЗНАМ -За наша Македонија, согласно законот за политички партии уредно е регистрирана и запишана во Централниот регистар“.
Запрашан дали Партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија размислува за предизборно коалицирање на претстојните избори, портпаролот Мемов нагласи дека партискиот став е Движењето ЗНАМ-За наша Македонија да настапи самостојно на претстојните претседателски и парламентарни избори, но конечната одлука ќе ја донесат органите и телата на партијата. Новинарите се интересираа дали за претседател на партијата ќе биде избран г-н Максим Димитриевски. – Очекуваме Конгресот да го потврди досегашниот Претседател, господинот Максим Димитриевски за Претседател на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, рече портпаролот Мемов . Одговарајќи на прашањето кој ќе биде кандидатот за претседател на државата, тој објасни: – За одговорот на ова прашање, во овој момент ќе Ве замолам за трпение.
Интерната партиска процедура е во тек. Во четврток, одлуката за утврдување на предлог-кандидатот ќе ја донесат делегатите на Првиот Конгрес. Потрпаролот Мемов исто така ги информираше новинарите дека од денеска во функција е и официјалната веб страница на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија dvizenjeznam.org.mk кадешто ќе може да се следат сите активности на партијата, а граѓаните ќе имаат можност и да се придружат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Првиот Конгрес на партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија ќе се одржи во хотелот Хилтон Дабл Три во Скопје, со почеток во 19 часот.