Потпретседателката на ЗНАМ Бендевска: Сега е моментот Македонија да ја вратиме на вистинскиот пат!
Сега е моментот Македонија да ја вратиме на вистинскиот пат, изјави потпретседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија,Весна Бендевска за телевизијата „24 вести“ „Бев член на СДСМ точно до март 2014 година. Кога ми заврши третиот мандат, на едни мошне легендарни Централни одбори и последниот Конгрес на кој учествував, кажав таму дека заради несогласување со политиките што тогаш ги промовираше тогашниот нов претседател на партијата, Зоран Заев, јас веќе одбив да бидам реевидентирана во членството и јас не поседувам партиска книшка на Социјалдемократскиот сојуз веќе 10 години“, изјави потпреседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Весна Бендевска, во емисијата „Анализа „ на телевизијата „24 Вести“.
„Политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија генерално е поставена да го зазема левиот центар. Избрав да бидам нивни член и почестена сум со изборот за потпреседател, само поради тоа што се совпаѓаат со мојата лична идеолошка определба, а тоа е враќање на државноста и на институциите на Македонија на вистинскиот пат. Последниве седум, осум години Македонија навистина доживува, е во слободен пад. Институциите се растурени, владее корупција, немаме владеење на правото, што де факто е нотирано и во сите извештаи на меѓународните мониторинг мисии“, додаде Бендевска. „Се пронајдов во ова движење, бидејќи е замислено да направи коалиција со граѓаните. Очекуваме поддршка и веројатно досега во историјата не е забележан ваков раст на една нова политичка опција. Тоа се гледа и по бројот на собрани потписи за нашиот кандидат за Претседател и Претседател на Движењето, Максим Димитриевски. И самите сме изненадени каква поддршка добиваме од граѓани кои веројатно се од сите спектри, но најголем дел се токму неопределени граѓани кои ни пристапуваат велејќи – до сега седев надвор од политиката, чув ствуваме дека овој е моментот, сите заедно да се бориме, да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат“, рече потпреседателката на ЗНАМ Весна Бендевска.
„Ставот на Движењето ЗНАМ – за Наша Македонија е дека доколку изборот за Претседател на државата се сведе на избор во Собранието, тоа ќе значи дерогирање на уставната позиција, на највисоката уставна позиција, а тоа е Претседател на Република Македонија“, – изјави потпреседателката на Движењето, Весна Бендевска во „Анализа“ на 24 Вести.
„Претседателот на државата интегритетот и легитимитетот ги црпи на директни избори од граѓаните и тоа тежи многу повеќе, отколку да се сведе на избор во Парламент од страна на претставници на граѓаните. Тоа ќе биде легитимитет кој се црпи посредно“, додаде таа.
„Ние сметаме дека Претседателот треба да го зголеми и да го зачува својот уставен капацитет и да го црпи легитимитетот директно од граѓаните, бидејќи уставните ингеренции на Претседателот не се мали. Тој е Врховен командант, Претседател на Советот за безбедност, а многу сериозни ингеренции има и во областа на уставно загарантираните човекови права и слободи. Ставот на ЗНАМ е дека Претседателот треба и понатаму да се бира на директни избори од страна на граѓаните“, потенцира Бендевска.