
КОРУПЦИЈАТА Е ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ, АМА ЗНАЕМЕ КАКО ДА ГО РЕШИМЕ На изборите ќе освоиме најмалку 10 пратеници, рече Бобан Карапејовски од ЗНАМ во поткастот на Плусинфо
Власта е таа што ги контролира институциите и затоа јавниот обвинител треба да биде по предлог на опозицијата. Плус, казните треба да бидат ригорозни. Корупцијата може и мора да се искорени, изјави Бобан Карапејовски, носител на изборна единица 1 од редовите на ЗНАМ.
Корупцијата претставува огромен проблем за Македонија и како таков е нотиран во сите извештаи, но ние имаме начин како да го решиме тој проблем. На пример, преку менување на системот. Ние како партија имаме неколку предлози, а еден од тие предлози е јавниот обвинител да се избира на 6-годишен мандат по предлог на опозицијата.
Ова во поткастот на Плусинфо го изјави Бобан Карапејовски, носиетел на изборна единица 1 од редовите на ЗНАМ.
– Власта е таа што ги контролира институциите и затоа јавниот обвинител треба да биде по предлог на опозицијата. Плус, казните треба да бидат ригорозни. Корупцијата може и мора да се искорени – рече Карапејовски.
Во однос на идните коалиции на ЗНАМ, тој истакна дека постојат црвени линии преку кои навистина не може да се помине.
– На пример, една од тие црвени линии го претставува македонскиот јазик и македонскиот идентитет, па кој не го прифаќа тоа, не можеме да бидеме во коалиција со него. Не може да се обезличуваме ни како партија, ни како држава. Нема компромиси. Не може македонската страна бесконечно да прави компромиси сама со себе. Прифаќаме да ги внесеме Бугарите во Уставот, но само со одложено дејство, односно само ако Македонија прво стане членка на ЕУ. Тоа е за да се осигураме дека нема да има нови барања и нови услови. Поинаку не може. Кој не се согласува со нас и кој не го прифаќа ваквиот наш услов, тој воопшто нека не се надева на коалиција со ЗНАМ – изјави Карапејовски.
Во поглед на резултатите од претседателските избори на кои кандидатот за претседател на ЗНАМ, Максим Димитриевски, освои над 80.000 гласови, Карапејовски рече дека резултатот е одличен и како што посочи, доколку истите тие гласови се преточат и за парламентарните избори, не треба да изненади доколку оваа партија освои двоцифрен број на пратеници.
Во продолжение, погледнете го поткастот: