ВО ПОЛИТИКАТА ВНЕСУВАМЕ ЛИЧНОСТИ УСПЕШНИ ВО СВОИТЕ ПРОФЕСИИ
– Услов да се биде добар политичар, според мене, е да се биде успешен,
пред сѐ, во својата професија и да се има амбиција да се смени нешто во
општеството. Ако се влезе вака растоварен, со претходни успеси во
професијата, тогаш добро ќе се практикува и политиката. За жал, сѐ уште
на нашата политичка сцена има неспособни луѓе, кои не знаат и не умеат
нешто друго да работат во животот. И затоа по секоја цена настојуваат да
останат на политичката сцена. Но, ние сакаме да наметнеме нешто ново,
сосема поразлично – да внесеме во политичкиот живот личности што се
докажани во своите професии и затоа мислам дека ќе успееме на
парламентарните избори – истакна во утринската емисија Здраво Македонијо
на Канал 5 Бобан Карапејовски, носител на ИЕ 1 на Движењето ЗНАМ – За
наша Македонија.
– За жал, граѓаните ги доживуваат политичарите како личности што не ја
кажуваат вистината. Токму тоа ми беше предизвик и, си реков, ајде да се
обидам да го сменам тој впечаток; а политичарите може да бидат чесни
луѓе и сум убеден дека тоа ќе го докажам.
– Исто така, ми велат дека не сум бил доволно агресивен во оваа кампања.
Но, јас не мислам така, не треба да бидеме едни против други, да се
навредуваме и да не се почитуваме. Јас сакам да ги сменам таквите
перцепции, бидејќи агресијата во политиката е недозволива. Граѓаните
сакаат да видат културни и достоинствени политичари и, ако еднаш тоа го
увидат, секогаш ќе го бараат тоа од нив.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е моралниот победник на првиот круг
на претседателските избори и најголемото изненадување на политичката
сцена, иако постоиме само неколку месеци. Работиме најмногу што можеме,
присутни сме секојдневно меѓу граѓаните во цела Македонија, бидејќи
сакаме граѓаните да нѐ запознаат што подобро и да се уверат дека станува
збор за професионални, чесни и достоинствени луѓе, кои со право ја
очекуваат довербата на 8 мај.