Минчев: Балансерот ќе се применува според процентот на резидентното население
Во денешното излагање на прес-конференција за медиумите, Министерот за јавна администрација изјави:
“Како што веќе знаете дека врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за јавна администрација е формирано на 03.07.2024, односно истото е регистрирано во Централен регистар како самостоен орган и правен наследник на Министерство за информатичко општество и администрација.
Во оваа прилика, Би сакал да ја известам јавноста дека новоформираното Министерството за јавна администрација, согласно законските надлежности го продолжува процесот на усогласување и одобрување на годишните планови за вработување на институциите во јавниот сектор, согласно извршените промени во дигиталната алатка балансер во однос на процентите, а во корелација со податоците од последниот спроведен попис на населението на територијата на Република Северна Македонија во 2021 година.
Измената на процентите на балансер алатката исклучиво се направени согласно Законот за вработените во јавниот сектор кои претходно не бил испочитуван.
Тоа значи дека во пресметката на балансерот како дел од годишните планови за вработување во јавниот сектор, ќе биде вклучено само бројот на резидентното население во државата, а нерезидентно население е исклучено од пресметката на балансерот.
Истовремено, сакам да известам дека во Министерството за јавна администрација се пристигнати околу 120 годишни планови за вработување на институциите од јавниот сектор, од нив само 5 се со позитивно мислење додека останатите се вратени со укажување и забелешки по кои институциите треба да постапат.
Институциите се известени односно им се вратени на доработка годишните планови со цел да ги усогласат со коригираните податоци во ново вграденото решение во Балансерот, согласно резидентното население на територијата на Република Северна Македонија, каде што разликата во процентите согласно последниот спроведен попис на територијата на Република Северна Македонија се: македонци од 54, 21 % на 58,44, албанци од 29,52% на 24,30%, турци од 3,98% на 3,86%, роми од 2,34%, на 2,53 %, срби од 1,18% на 1,30 %, власи од 0,44 % на 0,47 %, и бошњаци од 0,87% на 0,87.
Според укажувањата кои по писмен пат се доставени до релевантните институции, ја користам оваа прилика уште еднаш да ги повикам институциите од јавниот сектор да постапат по нашите забелешки, укажувања и инструкции и истите во најкраток можен рок да ги достават повторно на одобрување до Министерството за јавна администрација.
Потенцирам, дека согласности на годишните планови за вработување, Министерството за јавна администрација исклучиво ќе издава согласно новите проценти во самата дигитална алатка Балансер, а согласно Законот за вработените во јавниот сектор.
Иако, во наредниот период ќе пристигнуват и нови барања за согласности на годишните планови за вработување, очекуваме целиот процес на усогласување и одобрување да се заврши во законски предвидениот рок.”