Државниот секретар Петрушевски на министерска конференција „Сараевски миграциски дијалог“
Денеска државниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски предводеше делегација на министерската конференција „Сараевски миграциски дијалог“ која се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина во организација на Министерството за сигурност на Босна и Херцеговина и со поддршка на Владата на Швајцарија.
Настанот има за цел дискусија за предизвиците во управувањето со миграциите на кој учествуваат министри и директори на полициски служби од регионот, како и претставници на меѓународни организации и експерти од областа на миграциите.
Државниот секретар Петрушевски учествуваше на првата панел сесија на конференцијата насловена „Регионална соработка на земјите од Западен Балкан – од оперативни предизвици до политички решенија“, заедно со министрите за сигурност и внатрешни работи на Босна и Херцеговина и на Србија.
„Заедничкото дејствување и промовирање на интересите е незаменливо, не само како цел сама по себе, туку и сигнал до остатокот од Европа дека сите земји од Западен Балкан ја споделуваат решителноста на ЕУ за ова прашање. Регионалната соработка може да доведе до опипливи резултати на полето на безбедноста и правдата со слобода за луѓето кои живеат во регионот, а во исто време да ги задоволи грижите на граѓаните на ЕУ. Напорите за справување со криминалните закани за стабилизацијата и развојот на регионот, како и за самата безбедност на ЕУ, ќе бидат успешни само доколку земјите од Западен Балкан и ЕУ соработуваат во борбата против корупцијата и транснационалниот организиран криминал“, меѓу останатото истакна државниот секретар Петрушевски.
Издвојувајќи ја регионалната полициска соработка како интегрален дел од оперативната средина на Министерството за внатрешни работи, државниот секретар Петрушевски го истакна фактот дека делиме заеднички граници, јазици, а се соочуваме и со слични или исти закани и дека посредувањето и олеснувањето на спроведувањето на регионалната соработка во спроведувањето на законите треба да бидат приоритет во заедничкото дејствување.
„Од аспект на обезбедувањето континуитет во полициската соработка на регионално или меѓународно ниво, од клучна важност е и воспоставувањето заеднички стратегии за управување со сите форми на прекуграничен криминал како основа за осигурување“, рече државниот секретар Петрушевски, надоврзувајќи се дека кога во една таква регионална стратегија за борба против организиран и прекуграничен криминал ќе поставиме индикатори за следење на спроведувањето на истата, ќе имаме институционализиран систем за следење и фидбек во однос на специфичните приоритети утврдени во таквата стратегија.
Своето учество во панел сесијата, државниот секретар го заврши со констатацијата дека за полициската соработка да биде ефикасна и ефективна, таа мора пред сè да биде реципрочна, взаемна, двонасочна, базирана на меѓусебна доверба, и тоа не само помеѓу земјите од Западен Балкан туку и помеѓу нас и Европската унија.