КУМАНОВО ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ РАЗВИВА ВО УРЕДЕН, ДОСТАПЕН И ФУНКЦИОНАЛЕН ГРАД
Носителката на листата на советници од Движењето ЗНАМ – за наша Македонија и актуелен претседавач на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска денеска пред медиумите ги претстави приоритетите за идниот мандат во делот на урбаниот плански развој на општината.
Како што рече носителката на листата Ѓорѓиевска, со современи урбанистички решенија и модерна инфраструктура, Куманово ќе продолжи да се развива во поуреден, подостапен и пофункционален град.
„Создаваме средина во која секој граѓанин ќе има пристап до квалитетни јавни простори, сигурен сообраќај, зелени површини и современи содржини за рекреација, а воедно ќе се зачува и надгради урбаниот идентитет на градот. Куманово мора да се развива организирано, планирано и во интерес на граѓаните, за да остане град со јасна визија и стабилна иднина“ нагласи Ѓорѓиевска.
Затоа, вели таа во програмата на Движењето ЗНАМ е предвидено:
♦ Нов Генерален урбанистички план (ГУП) со проширен плански опфат и урбанизација на населбите: Карпош, Ајдучка Чешма, Иго Тричковиќ, Говедарски Пат и Железничка Станица.
♦ Ширење на градскиот опфат и планирање на нови урбани блокови со стандардизиран изглед на наменски зони планирани за домување.
♦ Инклузивно и одржливо урбанистичко планирање со фокус на јавниот интерес пред интересот на поединецот.
♦ Урбаните месни заедници ќе останат појдовна точка за учество на јавноста во процесите на урбанистичкото планирање.
Зацртани се и серија активности со кои треба да се остварат целите во урбаниот развој, како отстранување времени објекти кои го узурпираат јавниот простор. Изградба на административно-деловен комплекс на локалитет Чоробенско ќоше и нов плоштад, подземна катна гаража со голем капацитет, и зелен урбан сквер поврзан со градскиот плоштад.
Дислокација на монтажната катна гаража пред нов Младински центар во НУЦК – Трајко Прокопиев, веднаш по изградба на подземниот паркинг во центар.
Планиран е нов урбан сквер и шеталиште до Спортската сала по должина на булеварот, спроти Градскиот кеј.
Ќе се уреди речното корито, ќе се реконструираат изворите со минерална вода во село Проевце, ќе се изврши уредување на просторот наменет за нови Градски гробишта и ќе се изврши реконструкција на фасади на сите значајни објекти во централното градско подрачје, како и повеќе други проекти.
Куманово, најави Ѓорѓиевска, ќе се развива урбано со тоа што плански ќе се организира просторот. Со тоа ќе се подобри и квалитетот на животот на граѓаните и ќе се заштити животната средина и, при тоа, ќе создадат услови за одржлив економски и социјален развој.