11 ОКТОМВРИ Е СТОЖЕР НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА – ТЕМЕЛ НА НАШАТА ДРЖАВНОСТ
Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски на денешното одбележување на еден од најзначајните датуми во македонската историја, се обрати пред преживеаните борци од НОБ, како и пред високи државни и политички претставници и присутни граѓани. Димитриевски зборуваше за вредноста и тежината што со себе ја носи денот кога во Куманово и Прилеп почна вооружениот отпор против фашистичкиот окупатор.
„11 Октомври е денот на народното востание на македонскиот народ. 11 Октомври е стожер на македонската борба за слобода, симбол што на своите гради гордо ги носи темелите на нашата државност. Овој значаен датум од 1941 година, засекогаш ќе остане врежан во богата историја на нашиот народ, која ја создадоа храбрите борци од Козјачкиот и Карадачкиот и многу други партизански одреди кои ги водеше храброста и непоколебливоста во единствената замисла да донесат слобода и правда на својот напатен народ.
Силната волја и одлучност стоеја над фашистичките окупатори што беа пресудни конечно да се оствари долго сонуваниот сон за самостојна држава. Оддаваме почит денеска, не само на Кумановскиот и Карадачкиот одред, туку и на 25.000 жртви кои Македонија, македонскиот народ и сите етнички заедници ги дадоа и учествуваа активно во Втората светска војна во борбата против фашизмот и најголемото зло на 20 век кое што, гледаме, дека и до ден – денес за жал во светски рамки се уште не е исчезнато.
Првата пушка во Македонија пукна во Куманово и во Прилеп. На 11 Октомври почна востание како израз на револуционерните тенденции на еден народ, обединети во заедничка намера и мисла за слобода во независна држава – во која сите заедно ќе можеме слободно да дишеме и да функционираме како денеска.
Тогаш конечно ги отворивме портите на слободно домашно катче. Одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година донесоа остварување на вековната македонска желба за сопствена и независна држава. Тогаш влеговме во една силна федерција, денеска сме тука како независна Македонија.
Затоа денеска имаме можност, но пред се и чест да им укажеме почит на сите херои кои тогаш ги дадоа своите млади животи за слободата што ние денеска ја имаме. На Христијан Тодоровски – Карпош, на Магдалена Антова, на Бајрам Шабани, на Мирче Ацев, на Мите Богоевски, Цветан Димов, Раде Јовчевски – Корчагин, Кузман Јосифоски – Питу, Ибе Паликуќа и многу други херои кои многу не задолжија.
Денеска, имаме обврска да застанеме непоколебливо во одбрана на аманетот – спроведувајќи ја светата должност за обединување на сите наши граѓани. На сите Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи и Бошњаци во едно праведно општество. Бидејќи сите дадовме заслуга за тоа што денес го имаме. Да се потрудиме да го сочуваме Куманово, но и наша Македонија. И, нашата богата историја на револуционерен и херојски град, кој долги години одржува мултиетничка средина за пример, преку хармоничен соживот на бројни етнички заедници.
Денеска достоинствено одбележуваме 84 години од историското народно востание, сеќавајќи се на борците кои ни ја подарија слободата и кои со светол пример за самопожртвуваност и истрајноста во својот човечки неумор, не водат по нашиот пат. 11 Октомври треба да биде поттик за надминување на сите пречки и поделби преку почит кон другиот, соработка и пријателство кои ќе донесат напредок на сите, со цел да може да живееме слободно во сопствената наша држава.
Да дејствуваме мудро со изнаоѓаме реални и ефикасни методи, од причина што секој има право на подобар живот и подобар животен стандард. Македонскиот идентитет, историја и јазикот, културата – се нашето најголемо најголемо богатство. И, токму затоа, треба да се бориме за обединување на сите наши граѓани, преку почитување на сите меѓу себе.
Да продолжиме да се залагаме за достигнување на европските вредности, преку сплотеност, за развивање на нашата татковина на секое општествено поле. Градејќи мостови за пријателство со сите, а не штитејќи туѓи интереси.
11 Октомври е горд симбол на подобра иднина на генерациите кои допрва треба да живејат и да создаваат во демократско општество. Имајќи ја предвид светската обврска дека мора да се чува својата држава, воздигнувајќи го нејзиниот развој на едно повисоко рамниште. Придобивките од нашата револуционерна борба не се само наши. Тие се меѓународни и интернационални. Затоа и влеговме, како составен дел на светската историја и како учесник во Втората светска војна и партнер на вистинската страна.
За разлика од многумина, кои денес не негираат, а во континуитет секогаш биле на погрешната страна на историјата.
Но, како и да е, ние Македонците, граѓаните на Македонија, го имаме тоа чувство за пријателство и секогаш знаеме да простиме. Но, притоа, сите мора и да си ги признаат грешките. Бараме да продолжиме напред, како составен дел на големото европско семејство, ценејќи не, какви сме – такви сме да не прифатат и сите заедно да одиме напред. Со нови мостови на пријателства, не само со Европа, туку и со целиот свет.
Да е жива и здрава Македонија, да ја чуваме сплотено, рамо до рамо, да ни е живо и здраво Куманово. И, голем поклон до нашите претци и борци и сите учесници во Втората светска војна, кои ни го оставија ова што ние денеска го имаме. А, гледаме дека нападнати од многумина од страна, се обидуваат да ни го земат.
Да живееме сите и да одиме напред. Нека ни е среќен празникот“, порача лидерот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски.