ВЛОЖУВАМЕ ВО МЛАДИТЕ ЗАТОА ШТО САКАМЕ МЛАДИТЕ ДА ОСТАНАТ ОВДЕ И ДА ГРАДАТ СВОЈА ИДНИНА
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Куманово ја презентираше програмата, поточно делот посветен на младата популација во општината и приоритетите што ќе ги реализираат во наредниот мандат.
„Студентите и младите се иднината на Куманово. Тие носат нова енергија, идеи и визија за подобро утре. Општината е нивен пријател, сојузник и партнер на патот кон знаењето и успехот. Тоа ќе го прави со поддршка во образованието, со можности за практично искуство, за културен и спортски развој, како и охрабрување на нивното претприемништво и иновации. Со вложување во младите, вложуваме во поразвиена локална економија, модерно и европско Куманово, каде што младите ќе имаат причина да бидат овде и да градат своја иднина“, изјави Тамара Тренчевска кандидат за советник на Општина Куманово од редовите на Движењето ЗНАМ.
За таа цел предвидуваме:
♦Подобрување на условите и проширување на капацитетите во сите постојни општински образовни објекти.
♦ Гасификација и енергетска ефикасност во училиштата за подобри услови и пониски трошоци.
♦ Спортски игралишта и уредени дворови во секое училиште, со можност за „училници на отворено“.
♦ Технолошки и интеркултурен центар во целосно реконструиран „Дом на пионери – 29 Ноември“, како простор за културна размена и развој на вештини, со отворена мултимедијална сала за филмови, презентации, јавни настани, семинари, дебати, обуки, како и посебен дел наменет за центар за целодневен престој за деца.
♦ Младински центар во објектот на НУЦК „Трајко Прокопиев“.
♦ Обуки и усовршувања за наставниците и стручните служби.
♦ Нови спортско-рекреативни комплекси, паркови, велосипедски и трим-патеки, street-workout зони за здрав животен стил.
♦ Изградба на адреналински парк во состав на нов парк во с. Проевце.
♦ Претприемаштво за младите преку стартап-инкубатори и специјализирани обуки.
♦ Програма за финансиска поддршка на проекти и активности на студентите.
♦ Бесплатен интернет-пристап на повеќе јавни локации.
♦ Младински НВО-саем за вмрежување и промоција на младинските организации.
♦ Поддршка за талентирани ученици преку стипендии, промоција на иновации и поттик за млади уметници.
♦ Стипендии и награди за спортистите како поттик за нови достигнувања.
♦ Стипендии за првенците на генерација.
♦ Субвенционирање за набавка на велосипеди и електрични тротинети.
♦ Open Space / chill зона и скејт-парк: простор за дружење и неформални активности.
♦ Поддршка за развој на street art активности на млади уметници
♦ Организирање наградни натпревари меѓу општинските училишта со цел поттикнување на натпреварувачкиот и на тимскиот дух, дружење и мотивација за најдобрите тимови.
♦ Културна програма збогатена со фестивали, натпревари, секции и промоција на филмски и креативни проекти на млади ентузијасти.
♦ Повеќе креативни работилници: уметнички, музички и културни проекти.
♦ Поддршка на концерти и соло настапи на талентирани млади ученици на градските плоштади.
Движењето ЗНАМ, нагласи Тренчевска, има зацртано мноштво проекти, со кои ќе докажеме дека сакаме да бидеме и да останеме вистински партнер на младите и студентите.
„Ние не сакаме младите да заминуваат – сакаме да останат, да создаваат, и да сонуваат дека може да го променат светот токму овде. Затоа и ја градиме општината како отворено место за Вашите визии. Ние сме Општина која верува во младите – затоа што тие се нашата најголема сила! “, потенцираше Тренчевска.