Минчев за Фокус: Моето мислење за Црвенковски може да се опише со еден збор – државник
Во интервју за неделникот Фокус, Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Горан Минчев, се осврна на јавните реакции и шпекулации поврзани со неговата комуникација и средби со поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски. Минчев нагласи дека неговиот став за Црвенковски е одамна познат и непроменет, оценувајќи го како политичар со исклучителна државничка тежина.
„За г-динот Црвенковски моето мислење е одамна познато и може да се опише со еден збор – државник. Човек кој во клучни историски моменти носеше тешки одлуки со визија за државата“ – истакнува Минчев, додавајќи дека неговиот политички габарит ги надминува границите на Република Македонија. Истовремено, Минчев беше дециден дека Бранко Црвенковски нема никаква формална или неформална улога во Движењето ЗНАМ, ниту учествува во креирањето на политиките и одлуките на партијата.
„Сакам да бидам целосно јасен – г-динот Црвенковски ниту е дел од Движењето ЗНАМ, ниту пак учествува во креирањето на политичките одлуки. ЗНАМ има свое раководство, свои органи и јасна политичка платформа и програма, која ја градиме самостојно, одговорно и транспарентно“ – посочи Минчев.
Тој додаде дека почитта кон нечие мислење и искуство не смее да се меша со политичко влијание или менторство. „Дали го почитувам неговото мислење? Апсолутно. Мислењето на луѓе со искуство, интегритет и државничка тежина секогаш е добредојдено. Но, средбите, разговорите и фотографиите не значат политичко покровителство“ – нагласи Минчев. На крајот, министерот и генерален секретар на ЗНАМ потенцираше дека сите политички одлуки во Движењето се носат автономно и во интерес на граѓаните. „Одлуките што ги носиме се резултат на нашите уверувања, принципи и одговорност кон граѓаните. За нив одлучуваме и одговараме исклучиво ние“ – заклучи Минчев.