Димитриевски: Силна Македонија, достоинствени граѓани и зачувани вредности, таква Македонија градиме и од тој пат нема да отстапиме
Во Охрид денеска продолжи разговорот за Македонија каква што ја сакаат граѓаните, развиена, европска и држава која ги почитува и штити своите вредности. Во рамките на караванот под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, Движењето ЗНАМ за Наша Македонија одржа панел-дискусија во Охрид, на која со граѓаните се разговараше за реформите, иднината на државата, потребата од силни институции, владеењето на правото и политиките кои треба да донесат подобар живот за секое семејство.
Пред присутните граѓани, членови и поддржувачи на Движењето ЗНАМ, се обратија претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, генералниот секретар на Движењето ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, како и потпретседателката на Движењето ЗНАМ, пратеничка и потпретседателка на Собранието, Весна Бендевска. Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача дека европскиот пат на Македонија мора да биде пат на развој, достоинство и зачувување на она што не определува како народ. „Ние не бараме од граѓаните да ни веруваат на збор. Бараме да не оценуваат според тоа што го работиме.
Нашата визија е Македонија како полноправна европска држава, која достоинствено ги чува својот национален идентитет, македонскиот јазик, историјата и културното наследство. Европа почнува дома, со модерни институции, еднакви правила за сите и држава што работи во интерес на своите граѓани. Таква Македонија градиме и за таква Македонија нема да правиме компромиси.“ истакна Димитриевски нагласувајќи дека политиката има смисла само кога резултатите се гледаат во секојдневието на граѓаните, а државата станува посилна преку институции кои работат професионално и одговорно.
Министерот за јавна администрација и генерален секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, се осврна на реформите во јавниот сектор, професионализацијата на администрацијата, подобрувањето на јавните услуги и процесите за создавање модерна и ефикасна администрација која ќе биде вистински сервис за граѓаните. Потпретседателката на Движењето ЗНАМ, Весна Бендевска, говореше за актуелните политички процеси, законските реформи, владеењето на правото и значењето на демократските стандарди за европската иднина на Македонија. Таа се осврна и на потребата од современо изборно законодавство усогласено со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и на резултатите од досегашните реформи во правосудството. Караванот под мотото „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ продолжува низ Македонија, затоа што иднината на државата се гради со граѓаните и за граѓаните. Европска Македонија значи држава со која ќе бидеме горди, држава што ги почитува своите корени и храбро чекори кон иднината.