Павле Арсоски, Потпретседател на Движење ЗНАМ-За наша Македонија, за „Само вистина“ на Канал 5: Максим Димитриевски ќе влезе во вториот круг на претседателските избори и има шанси да победи
„Извршени се сериозни анализи во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и ние дојдовме до еден заеднички заклучок дека господинот Максим Димитриевски не само што ќе учествува на претседателските избори, туку тој е човек којшто ширум Македонија, а ние сме постојано присутни низ градовите и селата, е апсолутно прифатлив и посакуван за иден Претседател на Македонија, рече потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски во „Само вистина“ на Канал 5 и додаде: „ Димитриевски е познат во јавноста и по тоа што не само што има искуство на државна сцена во политиката како член на Собранието и Претседател на Комисијата за безбедност и одбрана, тој исто така е познат и по тоа што имал морална храброст да се спротивстави на сопственото раководство, тогашното СДСМ, кога СДСМ беше во зенитот на својата моќ, поради идеолошки принципиелни ставови. Тоа беше после она несреќно интервју на Зоран Заев за БГНЕС, за договорот за добрососедство со Бугарија. Максим Димитриевски имаше и морална храброст, цврстина и убеденост дека може да оди наспроти овие текови. Ние од Движењето ЗНАМ, слушајќи ги граѓаните, сметаме дека тој има сериозни шанси да влезе во втор круг. Тој се докажал не само на државно, туку и на локално ниво“.
Арсоски при тоа потенцира: „Да ве потсетам само дека кога цело СДСМ, во зенитот на својата моќ, се сврте против него, тој имаше доволно сили да се повика на граѓаните во Куманово, да излезе на избори и со поддршка на граѓаните да победи наспроти силна структура и на СДСМ и на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ. И не само тоа, можеби поважно е, а не е толку познато за јавноста, тој има доволно и човечка и политичка ширина да ги повика сите партии во Куманово, противници на изборите, да предложат проекти од нивни програми доколку се изводливи и финансиски реални, остварливи, да ги инкорпорира во општинската програма за работа и да ги реализира, да го доведе Куманово, којашто е најголема општина во Македонија, којашто е Македонија во мало по етнчкиот состав, од една тешко задолжена општина во една од најуспешните општини. Значи човекот се покажа и на државно, меѓутоа и како успешен менаџер и на локално ниво.
Ние сметаме дека тој ќе има сериозна поддршка од граѓаните и дека ќе влезе во вториот круг на претседателските избори и има шанси да победи“.
Со Охридскиот рамковен договор сите барања за остварување на права по етничка основа се исполнети
Во однос на дополнителните барања од политичките партии на Албанците Арсовски рече: „Од осамостојувањето Македонија се соочува со постојани барања на етничка основа за права од одредени етнички заедници. Ние сметаме дека со Охридскиот рамковен договор и неговата целосна имплементација во изминативе 21 години, сите услови, барања се задоволени. Остварување на етнички барања во 21-от век, кога Македонија треба да се подготвува за преговори со Европска унија е апсолутно неприфатливо. Ние сметаме дека е тоа само една политичка реторика во недостаток на понуда на граѓаните за нивните реални проблеми“.
Неприфатливо е Претседателот на државата да се избира како што се избираат обвинители, судии и носители на други јавни функции
Што се однесува до избирањето на Претседателот на државата во Собрание, потпреседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија објасни: „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија веќе го има искажано ставот по барањата за избор на Претседателот на државата во Собранието и сметаме оти уставната позиција на Претседателот на Македонија, како институција, така поставена треба да остане и не треба да се менува. Избор на Претседател во Собранието на начин како што се избираат јавни обвинители, судии, носители на други јавни функции е апсолутно неприфатливо. Претседателот на Македонија треба да е, по уставните негови надлежности, соодветен коректив на случувањата на политичката сцена, често пати треба да биде коректив и на, би рекол неодговорното работење на Собранието, носење на закони кои се на штета на граѓаните, носење на закони кои немаат никаква врска со европската унија и евроинтеграциите со европско знаме. Претседателот на државата не смее да биде сервилен кон политичките партии на власта, туку треба да биде слуга на интересите на граѓаните. И може да разговараме, напротив дали е можно или е потребно неговите уставни ингеренции малку и да се зголемат, за да може да биде татко на нацијата, коректив на сите случуваања“.
Движењето ЗНАМ е третата политичка сила во Македонија и е привлечна за граѓаните
Арсовски потенцира дека со процесот на собирање потписи за претседателскиот кандидат ЗНАМ покажал дека веќе е трета политичка сила, условно кажано во македонскиот блок на партии.
„Сериозно работиме и на инфраструктурата. Изборната програма е при крај, следната недела веќе ќе биде и финализирана, а потоа и објавена пред граѓаните. Фасцинантно е како Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, позиционирано во центарот помеѓу овие две, лева и десна опција, помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, има капацитет да привлече огромен број на граѓани. Незадоволни од левата страна, левата опција од СДСМ, поради нивното катастрофално владеење во изминативе седум години, но незадоволни и од десната страна, сеќавајќи се на времето на ВМРО-ДПМНЕ, кога тие беа на власт и на ДУИ во сите комбинации. Имаме капацитет да се привлечат неопределените граѓани, а ги има многу. Голем е процентот на такви, дури и на граѓани коишто на анкетиве изјавуваат дека во ниеден случај не би гласале. Нивниот процент се намалува“, рече потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски.
Граѓаните во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија препознаваат нешто за кое што би гласале ЗА
„Во повеќе настапи претседателот на Движењето ЗНАМ- За наша Македонија, Максим Димитриевски има јасно кажано и тоа е став и на органите и на телата, дека ние настапуваме на овие претседателски и парламентарни избори сами“, потенцира Арсоски и продолжи: „Ние имаме намера, нашата изборна програма, нашата идеологија во центарот да ја понудиме на граѓаните. Одѕивот на граѓаните кон ова што го работиме е фасцинантен, секојдневно. Можам да ви кажам дека не сме изненадени, но сме радосни, бидејќи граѓаните, такви какви што се, апатични со аверзија кон политиката, кон случувањата во државата, кон ова катастрофално високо ниво на корупција, партизирана државна администрација, правосудство, зависна држава во секој поглед, не е самоодржлива, граѓаните во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија препознаваат нешто за кое што би гласале ЗА некоја опција, а не ПРОТИВ како досега “.
Запрашан за ставот на Движењто во однос на постизборните коалиции и дали би коалицирале со Мицковски, или би останале во опозиција, потпреседателот на Движењето, Арсоски одговори: „И тој став е досега неколку пати веќе искажан. Ние ќе излеземе на избори и ќе постигнеме резултати. Во зависност од резултатот, бројот на пратеници во Собранието, ние ќе се држиме до нашите идеолошки програмски определби, ќе разговараме на рамноправна основа. Доколку најважните програмски определби бидат прифатени, ние може да разговараме за коалиција. Меѓутоа не од позиција на условување, уцена. Во таков случај подготвени сме и да останеме во опозиција“.
Чесно е на граѓаните да им се каже дека Уставните измени не се единствен услов за наше интегрирање во ЕУ. Гаранции мора да има
Арсоски нагласи дека Уставните измени, се само еден услов за воопшто Македонија да ги почне преговорите, и тоа не е единствен услов. „Мислам, рече тој, дека партиите треба да се чесни спрема граѓаните и да им кажат дека тоа не е единствен услов ние да се зачлениме во Европската унија после одреден период на преговарање. Тоа е само прв услов. Ако ја имаме предвид Декларацијата на бугарскиот Парламент од 2017 година кадешто се поддржуваат Македонија и Албанија во нивниот евроинтеграциски процес, а за Македонија се дадени над десетици услови, да не кажам ултиматуми, поделени во три групи дефинитивно дека уставните измени ќе бидат во фокусот на реториката предизборна, но и после изборите. Нечесно е спрема граѓаните на Македонија да им се каже дека е ова единствен услов. Тоа не е вистина“.
Арсоски рече дека треба да се обебедат дополнителни гаранции на релација Скопје-Софија ќе се разговара и за реципроцитет, кадешто и Европската унија ќе има разбирање за нашата позиција, бидејќи, како што посочи Арсоски, со неодговорни политики во изминативе седум години Македонија најмалку два пати е доведена во потчинета состојба во однос на друга држава, што е уставно забрането.
„Ние сме сега доведени во една таква мат позиција кадешто треба да ги прифатиме уставните измени, а знаеме дека тоа не е единствен услов. Ги знаеме сите услови кои Бугарија во процесот на наше преговарање или приклучување кон Европската унија ќе ги наметне. Францускиот предлог не е нешто запишано во камен. Значи, тоа е документ којшто е преговаран. Грешката е на владата на СДСМ и на ДУИ што не ја вклучи опозицијата во тоа време во тоа што се преговара, не ја информираше јавноста за тоа што се спремни да прифатат, а сега се најгласни во тоа да прашаат што опозицијата и Движењето ЗНАМ-За наша Македонија ќе направи за Македонија да ја извлече од оваа многу незгодна ситуација, од една пат позиција“ потенцира потпреседателот на Движењето, Павле Арсоски во „Само вистина“ на Канал 5.