
Бобан Карапејовски, член на ИО на Движење ЗНАМ-За наша Македонија во 24 Анализа: Политиката на претседателот Глигоров на еквидистанца, ние ја надградуваме со политика на реципроцитет.
„Во однос на коалицирањето при формирањето на владата, победник со победник, мислам дека Македонија, последно барем кога проверив, не е федерација, па да има повеќе победници од различни етнички групи“, рече Бобан Карапејовски, член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ –За наша Македонија во емисијата „24 Анализа“ на телевизијата „24 Вести“. Тој додаде дека идејата победник со победник подразбира дека ние имаме општество кое е биетничко и секој треба да победи во своето, трло, стадо, племе.
„Тоа е производ на една пи-ар фатаморгана од типот на „псе јо“ и таканатаму, рече Карапејовски и продолжи: „Јас разбирам дека на симболичко ниво веројатно на сите типови на заедници, етнички заедници, им е важно дека припадник на нивната етничка заедница може да биде на некоја функција. Тоа е одлично, тоа е добро, тоа е супер. Меѓутоа не по секоја цена и дека мора да се бројат гласовите одделно кај Македонците, одделно кај Албанците.“
„Ако тргнеме така тоа значи дека само Македонците се во сопствената држава граѓани од втор ред. Не може тоа така. Не може тогаш тоа да важи само за политички партии од определена етничка заедница кои пледираат да го освојат само тој дел од гласачкото тело и мислат дека во определена етничка заедница треба да издоминирааат. Така што мислам дека тој начин на функционирање на Груевски од 2008 година, победник со победник, одамна сме го напуштиле. Да зборуваме за програми, за идеи, да направиме нешто добро за граѓаните и за државата“, потенцира Карапејовски.
„Идеи што сега произлегуваат дека претседателот треба да се избира во Собранието се повеќе во функција на парламентарните избори, на поткревање на кампањата, на поткревање на рејтингот на партиите. Нивниот аргумент е етноцентричен. Не е проблем воопшто и тие да дадат предлог зошто да не. Имер Селмани не беше кандидат на ниту една македонска условно кажано, политичка партија, а го гласаа и македонци. Ако има личност што има кредибилитет, ако има личност што е препознаена дека има квалитет и може да ја извршува таа функција не гледам проблем да се прави проблем од тоа да се оди на непосредни избори за Претседател на државата, – потенцира Карапејовски во „24 Анализа“ на „24 Вести“.
„Европската унија е нашиот врвен приоритет, САД се нашиот стратешки партнер и за тоа немаме дилеми, рече Карапејовски и потенцира, – Но, за Движењето ЗНАМ под вакви услови какви што се во моментов уставните измени се неприфатливи. Претседателот на партијата, Максим Димитриевски даде една идеја. Тоа е, бидејќи немаме добро искуство со ваквите асиметрични договори кои ги потпишува македонската страна, уставните измени и влегувањето на бугарите во уставот да стапи на сила по нашето влегување во Европската унија. Тоа е едната работа, а втора, политиката на претседателот Глигоров на еквидистанца, ние ја надградуваме на политика на реципроцитет. Тоа е затоа што споделуваме европски вредности, а тие велат дека не може да не ги почитувате пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, на пример. Нашите партнери кои ги споделуваат европските вредности треба да се заложат и да помогнат да се почитуваат европските вредности. Верувам дека ЕУ почива на вредности, рече Карапејовски.