Максим Димитриевски: Ако не влезам во вториот круг, ќе излезам како обичен гласач да гласам
Прашан дали ако не влезе во вториот круг, ќе повика да се гласа за еден или за друг, кандидатот на ЗНАМ за шеф на државата, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговара: „Јас не ги носам граѓаните во џеб за да повикам и манипулирам. Уште на самиот старт пред да почне кампањата реков дека јас со гласови нема да тргнувам и нема да прифатам ниту еден непристоен предлог“
360°: Што ќе биде за вас успех на 24 април?
Димитриевски: Мојата цел е да им покажам на граѓаните дека може да биде и поинаку, бидејќи самите се свесни што се случува сите овие 30 години. Јас сум тој што учествувал на локални избори, Куманово ме научи како да работам и менаџирам, Куманово е Македонија во мало и јас дополнително сакам таа моја енергија да ја внесам на национално ниво. Да ги охрабрам граѓаните, да ги обединам граѓаните, како тоа што го сторив во Куманово и дополнително да тргнеме напред како држава бидејќи во моментов Македонија е приватна држава.
360°: Дали вашето учество на претседателски избори е само за да и дадете залет на вашата партија на парламентарните?
Димитриевски: Па не, ЗНАМ се гради како политички субјект, таа е нов политички субјект, релативно нов, почитуван, одлично кадровски поставен – ако се сеќавате на сите оние претходни приказни, кај е овој, кај е Бранко, еве гледате – ги нема никаде, секаде се нови луѓе, претежно такви ни се и кандидатските листи и ЗНАМ ќе си има еден свој пат на развој во политиката. Јас како Максим се одважив на овој чекор бидејќи сметам дека Македонија заслужува претседател што првично ќе го крене моралот на граѓаните, ќе го штити националниот и државен интерес и дополнително претседател со интегритет, дигнитет и карактер.
360°: Ако не влезете во вториот круг, Силјановска или Пендаровски – кој, според вас, треба да биде шеф на државата?
Димитриевски: Ако не влезам во вториот круг, ќе излезам како обичен гласач, ќе гласам, ќе се заблагодарам на сите тие што ме гласале и што не ме гласеле, ќе се обидам да направам се да се стекнам со нивната доверба понатаму во следниот период.
360°: Ќе повикате ли да се гласате за еден или за друг?
Димитриевски: Јас не ги носам граѓаните во џеб за да повикам и манипулирам. Уште на самиот старт пред да почне кампањата реков дека јас со гласови нема да тргнувам и нема да прифатам ниту еден непристоен предлог.