Димитриевски: Уставни измени, но со одложена важност
ЗНАМ не ја формиравме за да делиме министерски ресори и учеството во идната влада ќе зависи од резултатот на изборите и националните интереси, вели Димитриевски. Како евентуален претседател, пак, ветува дијалог со сите политички фактори и единство во надворешната политика. Гласови очекува од поддржувачи и на актуелната власт и на опозицијата.
Советник во Куманово, пратеник во Собранието и градоначалник. Ова се скалилата по кои се движеше досегашната политичка кариера на Максим Димитриевски, чиј амбиции се од мај годинава да биде и претседател на државата. Порано, член на СДСМ, а од ноември лани претседател на партијата ЗНАМ – За наша Македонија, која ја формираше откако му се разделија патиштата со социјалдемократите кои не го поддржаа за вториот градоначалнички мандат во Куманово.
Со ЗНАМ, планира да стане политички фактор во земјава, но нема намера по секоја цена да биде дел од идната влада. Како претседател, пак, предвидува да формира тим за преговори за адаптација на преговарачката рамка, како и да предложи уставни измени за вметнување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Преамбулата, но со одложена важност.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Димитриевски зборува за неговите приоритети во претседателската програма, руското влијание во Северна Македонија, борбата со корупцијата, но и позиционирањето на ЗНАМ при формирањето на новата влада по парламентарните избори.
Зошто решивте да бидете претседателски кандидат и да трошите ресурси и енергија на оваа кампања ако досегашното искуство, како и анкетите, покажува дека најголеми шанси за победа имаат кандидатите поддржани од двете најголеми партии?
Кај нас анкетите во најголем број на случаи служат за да го креираат јавното мислење, а не за да ја одразат вистинската состојба. Така што и овие анкети што се објавуваат се во таа функција. Се е прилагодено кон партиите кои владеат изминатите 30 години. Ние имаме наши анкети и сондажи, но сметам дека најдобрата анкета ќе се случи на денот на изборите кога граѓаните ќе излезат и ќе го кажат својот збор.
Максим Димитриевски беше избран за претседател на новоформираната партија ЗНАМ во ноември лани
Решив да влезам во претседателската трка за да победам и да донесам промени, големи промени. Да бидам претседател што вистински ќе им служи на граѓаните, ќе ги штити нивните и интересите на државата и нема да биде ничиј слеп послушник. Сакам да покажам дека во Македонија е можно обединување и владеење на правото. Моето искуство од локално ниво сакам да го пренесам на државно. Со поддршката на граѓаните се е можно. Само треба да веруваме дека е можна промената. Со внесување на нова енергија, чесност, морален однос и примена на законите подеднакво за сите промената во Македонија е многу реално остварлива. Она што особено ме мотивира е можноста како претседател на државата да бидам коректор на извршната и на законодавната власт и да придонесам Македонија да излезе од црно-сивиот свет кој граѓаните го живеат 30 години.
Тука би сакал да додадам дека Изборниот законик на двете партии кои се менуваат на власт им дава огромна предност во однос на другите, што значи дека во изборниот процес сите немаат еднакви услови и права. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се фаворизирани, што пак е спротивно на Уставот. Како и да е, оваа ситуација по победата ќе биде променета.
На чии гласови се надевате повеќе – од поддржувачите на актуелната власт или на опозицијата?
Очекувам граѓаните да гласаат и да ја дадат поддршката за мојата кандидатура без разлика дали се од позицијата или опозицијата. Впрочем, во изминатите години ги видовме кандидатите и на едните и на другите и видовме што направија за и од државата. Имавме можност да видиме како претседателот на државата е слеп послушник на политичката партија што го кандидирала и секој закон, без разлика дали е добар или не за интересите на граѓаните и државата, поминуваше. Тоа треба и мора да престане. Сигурен сум дека граѓаните ќе ја прекинат досегашната пракса и ќе се определат за еден поинаков претседател.
Како ги толкувате наводите за руско влијание во Северна Македонија и кои, според вас, се ризиците од него по безбедноста во земјава?
Ние сме членка на НАТО и ја имаме сигурноста и заштитата од Алијансата како такви. Влијанија може да има од секаде, па и од Русија. Ние имаме многу поголеми предизвици во државата од руското влијание, за кое, како што и самите велите, се само наводи дека го има.
Како Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите со Европската Унија, односно кој е Вашиот став за отворање на Уставот, во тој контекст?
Ние можеме да изгласаме измени на Уставот, но претходно мораме да добиеме гаранции дека тие ќе се применуваат откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа е преточено во мојата програма „Манифест за Македонија“. Таму се предвидени неколку чекори за придвижување на процесот на интеграција. Со приоритетот број еден во првите 100 дена, е предвидено формирање специјален експертски ЕУ тим кој ќе започне преговарачки процес за адаптација на преговарачката рамка во согласност со реалните внатрешни општествени околности во врска со историските прашања кои ги оспорува нашиот источен сосед, а се директно поврзани со генезата на македонскиот национален идентитет. Во третиот приоритет од програмата многу јасно е наведено дека по преземањето на претседателската функција во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со Република Бугарија, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во Преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Секој друг пат ќе значи постојани уцени и барање за отстапки од наша страна.
На изборите, Димитриевски очекува да „собере“ гласови од досегашни поддржувачи и на власта и на опозицијата
Во „Манифестот за Македонија“, во начелото број еден – Единствени во надворешната политика, меѓу другото, е наведено дека како претседател ќе придонесувам, низ дијалог и аргументи, за постигнување висока согласност за стратегија за надворешната политика. Во второто начело – Глас на разумот и обединувањето, стои дека ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со политичките субјекти за да постигнеме разбирање и согласност за клучните цели на државата – во внатрешната и надворешната политика. Само така обединети, со разум и максимум напори на сите нивоа ќе можеме да ги смениме нештата и да ја постигнеме саканата цел. Во овој процес секако ќе ни биде потребна и поддршката на нашите стратешки партнери.
Како ја оценувате досегашната борба против корупцијата?
Борба против корупцијата во Македонија ја нема. Едноставно, ја нема. На хартија или за пред граѓаните таа е првото нешто кое се споменува дека ќе се направи, но всушност е последното што се прави.
Инаку борбата против корупцијата е многу едноставна работа. Секако ако има волја таа да се спроведе. Ставате вистински луѓе на вистинските места, ги почитувате законите и го штитите интересот на граѓаните и државата. Сите оние што се на места каде се одлучува мораат пред сè да бидат во функција на граѓаните, а не во функција на политичките партии и политичките и останати моќници. Тоа, исто така значи дека ќе ја департизирате државата, а институциите ќе си ја вршат работата за која се основани и платени со пари од граѓаните. Така нема да има потреба, на пример, некој да му кажува на обвинителството како да постапи и дали воопшто треба да постапи, или на судот да ги одолговлекува предметите и како да суди.
Како вие би придонеле за подобрување на состојбата со корупцијата?
Во „Манифестот за Македонија“ стои дека во првите 100 дена по преземањето на претседателската функција ќе предложиме Национална стратегија за борба против корупцијата. Во таа насока подготвен сум да дискутираме за правните модалитети за промена на Уставот во насока да се спречи апсолутната застареност на кривични дела сторени од избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт.
Сметам дека е неопходно, заради обезбедување на правна сигурност, еднаквост пред законите и неселективна правда, во следниот парламентарен состав да се отвори прашањето за законски промени за избор на јавен обвинител на Република Македонија. Наместо на предлог на Владата, истиот да се избира со двотретинско мнозинство на предлог на опозицијата, со мандат од шест години.
ЗНАМ ќе настапи и на парламентарните избори со свои кандидатски листи за пратеници. Кои ќе бидат Вашите барања за евентуален влез во идната влада?
Ние во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија немаме намера да бидеме дел од владата по секоја цена. ЗНАМ има намера да стане фактор на стабилизација на Македонија. Со тоа што ќе добиеме огромна поддршка на парламентарните избори, ЗНАМ ќе се позиционира како фактор на стабилност и ќе овозможи да се постигне високо ниво на единство. За таа цел сметаме дека пред сè треба да постигнеме договор околу националните интереси на Македонија и до каде може да се оди. Поинаку кажано ќе треба да ги утврдиме прагот под кој нема отстапки. Тоа е неопходно за да можеме да одиме напред, а да не го изгубиме достоинството како народ и држава.
Дали можеби имате конкретни министерски или други раководни позиции што би ги побарале?
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија кога ќе дојде моментот за разговор околу функции во владата и во институциите ќе ги понуди најдобрите кандидати, чесни луѓе, морални луѓе кои ќе ги штитат интересите на граѓаните и државата. Тука сакам да нагласам, а и делумно да се навратам на претходното прашање, дека ние не ја формиравме партијата за да делиме министерски ресори. Нашата цел е да промовираме систем кој ќе функционира во интерес на граѓаните и државата на едно високо морално ниво. Ние имаме намера да преземе одговорност, а не да имаме личен бенефит. Во зависност од резултатите на изборите и постигнатите договори во однос на програмските определби на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и секако националните интереси ќе зависи и нашето учество во идната влада. Затоа не ја исклучуваме и можноста да бидеме опозиција.