
Максим Димитриевски во интервјуто за Радио Слободна Европа: Целта на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е да промовира систем кој ќе функционира во интерес на граѓаните и државата на едно високо морално ниво
Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија даде интервју за Радио Слободна Европа.
Запрашан зошто се решил да биде претседателски кандидат и да троши ресурси и енергија на
оваа кампања ако досегашното искуство, како и анкетите, покажуваат дека најголеми шанси за победа имаат кандидатите поддржани од двете најголеми партии, Димитриевски одговори дека кај нас анкетите во најголем број на случаи служат за да го креираат јавното мислење, а не за да ја одразат вистинската состојба. Така што, додаде тој, и овие анкети што се објавуваат се во таа функција. Димитриевски оцени дека се е прилагодено кон партиите кои владеат изминатите 30 години додаде:
„Ние имаме наши анкети и сондажи, но сметам дека најдобрата анкета ќе се случи на денот на изборите кога граѓаните ќе излезат и ќе го кажат својот збор. Зошто се решив да влезам во претседателската трка. Па влегов за да победам и со тоа да донесам промени, големи промени. Да бидам претседател што вистински ќе им служи на граѓаните, ќе ги штити нивните интереси и интересите на државата и нема да биде ничиј слеп послушник. Сакам да покажам дека во Македонија е можно обединување и владеење на правото. Моето искуство од локално ниво сакам да го пренесам на државно. Со поддршката на граѓаните се е можно. Само треба да веруваме дека е можна промената. Со внесување на нова енергија, чесност, морален однос и примена на законите подеднакво за сите промената во Македонија е многу реално остварлива. Она што особено ме мотивира е можноста како претседател на државата да бидам коректор на извршната и на законодавната власт и да придонесам Македонија да излезе од црно-сивиот свет кој граѓаните го живеат 30 години.
Тука би сакал да додадам дека Изборниот закон на двете партии кои се менуваат на власт им дава огромна предност во однос на другите партии, што значи дека во изборниот процес сите немаат еднакви услови и права. Двете партии, односно СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се фаворизирани, што пак е спротивно на Уставот. Како и да е, оваа ситуација по победата ќе биде променета.
На прашањето на чии гласови се надева повеќе – од поддржувачите на актуелната власт или на опозицијата, Димитриевски рече:
„Очекувам граѓаните да гласаат и да ја дадат поддршката за мојата кандидатура без разлика дали се од позицијата или опозицијата. Впрочем во изминатите години ги видовме кандидатите и на едните и на другите и видовме што направија за и од државата. Имавме можност да видиме како Претседателот на државата е слеп послушник на политичката партија којашто го кандидирала и секој закон, без разлика дали е добар или не за интересите на граѓаните и државата, поминуваше. Тоа треба и мора да престане. Сигурен сум дека граѓаните ќе ја прекинат досегашната пракса и ќе се определат за еден поинаков претседател и ќе ја дадат поддршката“.
Запрашан како ги толкува наводите за руско влијание во Македонија и кои се ризиците по безбедноста во земјава од руското влијание, Димитриевски одговори:
„Ние сме членка на НАТО и ја имаме сигурноста и заштитата од Алијансата како такви. Влијанија може да има од секаде, па и од Русија. Ние имаме многу поголеми предизвици во државата од руското влијание, за кое, како што и самите велите, се само наводи дека го има“.
На прашањето како Македонија ќе ги продолжи преговорите со Европската Унија, односно кој е ставот за отворање на Уставот во тој контекст, Димитриевски потенцира:
„Јас многу јасно кажав дека ние можеме да изгласаме измени на Уставот, но претходно мораме да добиеме гаранции дека тие измени ќе се применуваат откако Македонија ќе стане полноправна членка на Европската унија. Тоа е сега преточено во мојата програма наречена „Манифест за Македонија“. Таму се предвидени неколку чекори за придвижување на процесот на интеграција. Со приоритетот број еден во првите 100 дена, во интерес на побрза европска интеграција, е предвидено формирање специјален експертски ЕУ тим кој ќе започне преговарачки процес за адаптација на преговарачката рамка во согласност со реалните внатрешни општествени околности во врска со историските прашања кои ги оспорува нашиот источен сосед, а се директно поврзани со генезата на македонскиот национален идентитет. Во третиот приоритет од „Манифестот за Македонија“ многу јасно е наведено дека по преземањето на претседателската функција во интерес на зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на билатералните односи со соседна Република Бугарија, во првите 200 дена ќе предложиме уставни измени за внесување на Хрватите, Црногорците и Бугарите во преамбулата, со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија. Секој друг пат ќе значи постојани уцени и барање за отстапки од наша страна. Во „Манифестот за Македонија“, во начелото број еден, Единствени во надворешната политика, меѓу другото, е наведено дека како Претседател на државата, ќе придонесувам, низ дијалог и аргументи, за постигнување висока согласност за стратегија за надворешната политика. Во второто начело, Глас на разумот и обединувањето, стои дека како Претседател на државата ќе поттикнувам и одржувам редовен, конструктивен и аргументиран дијалог со политичките субјекти за да постигнеме разбирање и согласност за клучните цели на државата – во внатрешната и надворешната политика. Само така обединети, со разум и максимум напори на сите нивоа ќе можеме да ги смениме нештата и да ја постигнеме сакант цел. Во овој процес секако ќе ни биде потребна и поддршката на нашите стратешки партнери“.
Запрашан како ја оценува досегашната борба против корупцијата и како би придонел за подобрување на состојбата, тој рече:
„Борба против корупцијата во Македонија ја нема. Едноставно, ја нема. На хартија или за пред граѓаните таа е првото нешто кое се споменува дека ќе се направи, но всушност е последното нешто што се прави. Инаку борбата против корупцијата е многу едноставна работа. Секако ако има волја таа да се спроведе. Ставате вистински луѓе на вистинските места; ги почитувате законите и го штитите интересот на граѓаните и државата. Сите оние што се на места каде се одлучува мораат пред се да бидат во функција на граѓаните, а не во функција на политичките партии и политичките и останати моќници. Тоа, исто така значи дека ќе ја департизирате државата, а институциите ќе си ја вршат работата за која се основани и платен со пари од граѓаните. Така нема да има потреба, на пример, некој да му кажува на Обвинителството како да постапи и дали воопшто треба да постапи, или на судот да ги одолговлекува предметите и како да суди. Токму затоа и во „Манифестот за Македонија“ во приоритетот број пет стои дека во првите 100 дена по преземањето на претседателската функција ќе предложиме Национална Стратегија за борба против корупцијата. Во таа насока подготвен сум да дискутираме за правните модалитети за промена на Уставот во насока да се спречи апсолутната застареност на кривични дела сторени од избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт. Сметам дека е неопходно, заради обезбедување на правна сигурност, еднаквост пред законите и неселективна правда, во следниот парламентарен состав да се отвори прашањето за законски промени за избор на Јавен обвинител на Република Македонија. Наместо на предлог на Владата, истиот да се избира со двотретинско мнозинство на предлог на опозицијата, со мандат од шест години.
На прашањето кои ќе бидат барањата на ЗНАМ за евентуален влез во идната влада, Димитриевски одговори:
„Ние во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија немаме намера да бидеме дел од владата по секоја цена. ЗНАМ има намера да стане фактор на стабилизација на Македонија. Со тоа што ќе добиеме огромна поддршка на парламентарните избори ЗНАМ ќе се позиционира како фактор на стабилност и ќе овозможи да се постигне високо ниво на единство. За таа цел сметаме дека пред се треба да постигнеме договор околу националните интереси на Македонија и до каде може да се оди. Поинаку кажано ќе треба да ги утврдиме прагот под кој нема отстапки Тоа е неопходно за да можеме да одиме напред, а да не го изгубиме достоинството како народ и држава“.
Запрашан дали можеби има конкретни министерски или други раководни позиции што би ги побарале, Димитриевски нагласи:
„Движењето ЗНАМ – За наша Македонија кога ќе дојде моментот за разговор околу функции во владата и во институциите ќе ги понуди најдобрите кандидати, чесни луѓе, морални луѓе кои ќе ги штитат интересите на граѓаните и државата.
Тука сакам да нагласам, а и делумно да се навратам на претходното прашање, дека ние не ја формиравме партијата за да делиме министерски ресори. Нашата цел е да промовираме систем кој ќе функционира во интерес на граѓаните и државата на едно високо морално ниво. Ние имаме намера да преземе одговорност, а не да имаме личен бенефит. Во зависност од резултатите на изборите и постигнатите договори во однос на програмските определби на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија и секако националните интереси ќе зависи и нашето учество во идната влада. Затоа не ја исклучуваме и можноста да бидеме опозиција“.