
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Максим Димитриевски: Потребен е претседател обединител со лидерски способности, а не марионета на партиите
Актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски влезе во изборната трка за претседател на државата како кандидат на Движењето „За наша Македонија“ – ЗНАМ. На престојните избори очекува да ја добие поддршката од граѓаните и со тоа можноста за суштински промени на политичката сцена. Димитриевски вели претседателот на државата мора да биде коректор и на законодавната и на извршната власт кој ќе смогне сила да им се спротивстави и на тие што го предлагаат.
-Првично претседателот на државата кој и да е, треба да поседува лидерски способности, да има карактер, да има интегритет, да има став во континуитет и да ја отсликува реалноста на македонскиот темперамент. Ние Македонците сме темпераментни, горд народ, храбар народ иако многумина не понижуваат, но не траба да го дозволиме тоа. Претседател обединител кој ќе произлезе од граѓаните и ќе работи за граѓаните, не претседател кој секојдневно ќе биде составен дел од протоколарните средби во Вилата на Водно, туку претседател кој ќе им се посвети на граѓаните, ќе допре граѓанскиот глас до него за да може сето тоа да го имплеменира на дело, вели Димитриевски во интервјуто за „Слободен печат“.
Тој верува во моќта на граѓаните и во потенцијалот на државата, кои треба да се искористат за развој.
-Ние сме вреден народ и Македонија има можност да го подигне нивото на самоодржливост. Треба да ги пресмета своите ресурси, дополнително да го охрабри народот, да му ја врати довербата на граѓанинот, морално да го крене, да се обединиме и да тргнеме напред. Во спротивно никој не може да ни ги решава проблемите, тоа е наша обврска, вели Димитриевски.
Иако другите противкандидати најавуваат ветинг во правосудството, Димитриевски е дециден дека треба да има реформи во овој сектор, а најавува и Стратегија за борба против корупцијата доколку биде избран за претседател.
-Оваа стратегија ќе биде со осврт на политичката корупција бидејќи кај нас корупцијата е во врвот на државата. Се менуваат едни исти 30 години, ништо конкретно не се менува за граѓаните само политичката гарнитура која што е на власт, едни заминуваат, доаѓаат други кои подоцна се многу полоши од претходните и по 4 или 8 години тие што заминале повторно се враќаат и се полоши од претходните и така во круг. И затоа сметам дека овој колорит од црно – сив свет треба да се обои во некоја друга боја и да добијат шанса и нови политички субјекти и тука го гледам ЗНАМ како движење, нагласува Димитриевски.
Непосредно пред почетокот на изборната кампања против Максим Димитриевски како градоначалник на Куманово беа покренати две кривични постапки, за кои вели дека се монтирани и тој ќе го докаже тоа:
-Преку мојот пример ќе покажам и докажам дека може да се демонтира тој узурпиран систем од страна на политичките субјекти, а тоа е секторот правда во Македонија и обвинителството и судството. Таму треба суштински реформи, секој што направил грешка да одговара и никогаш повеќе да не добие шанса да ја повтори. Претседателот има политичка тежина која доаѓа од граѓаните да предлага нови решенија, да го презентира тоа јавно, вели Димитриевски.
Во непосредните средби со граѓаните, Димитриевски ги презентира петте стратешки начела и петте приоритети од својата програма како кандидат на претседателските избори. Од петте приоритети, три се однесуваат на Бугарија и за тоа како да се реши билатералниот спор за да не се испорачуваат нови услови од Софија во текот на преговарачкиот процес за членство во ЕУ.
-Не случајно се три приоритети за Бугарија бидејќи нашиот стратешки пат е да бидеме членки на ЕУ. Проблемот со официјална Софија ќе се решава на релација Скопје – Софија. Не може еден билатерален проблем којшто е само наметнат од нивна страна да го реши Европската унија. Таа треба да биде посредник да се повика на европските вредности, поради кои е формирана Европската унија и да изврши дополнителен притисок на нашиот сосед. Прашањето треба да се решава тука, бидејќи тоа е билатерален спор, а преговарачката рамка секако да претрпи одредени измени, а тоа е можно, дециден е Димитриевски.
Целиот разговор со претседателскиот кандидат Максим Димитриевски од ЗНАМ погледнете го во продолжение: