Димитриевски и Бендевска од Кичево порачаа: ЗНАМ е новата политичка сила во Македонија, како фактор на нејзината стабилност
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска, заедно со носителката на листата за пратеници во ИЕ 5, Весна Бендевска, како и со другите кандидати беше во Кичево. Во изјавата за медиумите Димитриевски во името на ЗНАМ ја побара поддршката од граѓаните на овој регион. Тој рече дека истовремено сака да испрати и една јасна порака:
„Македонија има историска шанса, почитувани граѓани да формира нова политичка сила и реална трета опција којашто излегува од граѓаните, ќе работи заедно со граѓаните и во интерес исклучиво на граѓаните, а не на политичките субјекти коишто веќе три децении се менуваат во континуитет. Затоа ги повикувам на осми мај да излезат масовно на избори и да дадат поддршка за бројот седум, за нашите носители на листи во сите изборни единици и со што даваат поддршка за формирање на нов политички блок, којшто има намера да биде коректив на власта, но и на опозицијата во следниот период“.
Димитриевски дека ја користи приликата да испрати порака до сите чесни членови на СДСМ, а воедно и да одговори на прозивките.
„Тие што го избришаа АСНОМ и неговите постулати од Уставот на Македонија не можат себе си да се претставуваат како Асномци. Вистинскиот АСНОМ, вистинските вредности на Крушевскиот Манифест се токму во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Ние ве очекуваме и ве повикуваме да ни се придружите во оваа заедничка борба, за да ставиме крај на оваа однародена власт, а воедно и да ја формираме третата политичка сила којашто ќе почива на Крушевските и Асномските вредности“, рече тој.
Носителката на листата за ИЕ 5, Весна Бендевска пред медиумите рече дека во Кичево пред граѓаните ја промовираат програмата која по примерот на АСНОМ ја нарекле „Проглас за достоинствена Македонија“. Таа рече дека тука секој граѓанин треба да знае дека ЗНАМ е новата политичка опција и можност за изградба на вистински праведно, вистински достоинствено македонско општество.
„Нашата програма се темели на четири столба“, рече Бедневска и појасни – „Прв столб – Илинден и АСНОМ се темелот на Македонската држава. Вториот столб, нашата визија е Македонија да ја претворимке во една вистински самоодржлива држава. Третиот, правда за сите подеднакво, исто како и одговорност подеднакво за сите, нулта толеранција кон корупција и ефикасна, брза справедлива борба против организираниот криминал. Четвртиот столб градење на стабилни меѓуетнички односи како вистински темел за вистинска слободна и достоинствена Македонија“.