
ЗНАМ ИМА ПРЕДИЗБОРНА КОАЛИЦИЈА САМО СО ГРАЃАНИТЕ
„Движењето ЗНАМ – За наша Македонија предизборно не направи коалиција со ниту една политичка партија, бидејќи единствената наша коалиција е со граѓаните. Нашата посветеност кон нив ќе биде непоколеблива и ќе им служиме со интегритет, транспарентно и посветено. Граѓаните го препознаа тоа и ни го дадоа својот глас на 24 април, за што сме им благодарни, како новоформирана партија, која постои само неколку месеци. А, се надевам дека во уште поголем број ќе го сторат тоа и на 8 мај. Стравот кај СДСМ е сѐ поочигледен по резултатите што ги постигнавме и сѐ почесто тоа јавно го искажуваат“ – истакна Бобан Карапејовски, носител во изборната единица 1 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во вечерашната дебата на ТВ 24.
Затоа, тој ги повика граѓаните масовно да излезат на 8 мај и за претседател на државата да гласаат по свое сопствено убедување, бидејќи не смееме да дозволиме Република Македонија да остане без претседател.
Исто така, тој истакна дека секогаш од собраниската говорница како пратеник ќе го користи само името Македонија.
Што се однесува до улогата на младите, Карапејовски кажа дека надежта кај нив е уништена и апатијата е сѐ поприсутна. Затоа, ЗНАМ со конкретни политики ќе им ја врати надежта, давајќи им доверба да ги докажат своите способности, квалитети, професионализам и знаење. Со тоа ќе се спречи и нивното иселување од татковината.
„Нашите ставови воопшто не се националистички, поставувањето на црвените линии не се национализам. Во Македонија Македонците почнаа да се чувствуваат како граѓани од втор ред и конечно треба да дојде до промени, со што секој ќе биде на своето. Затоа ЗНАМ ќе се залага за заштита на македонскиот идентитет, јазикот, историјата и културното наследство.“