„ГРАЃАНИТЕ НЕ ДОЗВОЛИЈА КРИЗА ВО ЗЕМЈАТА“ Мемов вели дека народот покажа дека е државотворен и избра нов претседател
Со оглед на тоа што процентот на излезност е повеќе од 40 проценти, извесно е дека граѓаните го избраа својот нов претседател. Движењето ЗНАМ го честита изборот на претседател на државатa, рече Мемов.
Портпаролот на движењето ЗНАМ Никола Мемов вечерва на прес-конференција порача оти граѓаните покажале дека се државотворни и со обезбедувањето на потребниот цензус за избор на претседател, не дозволија државата да се соочи со институционална криза.
– Со оглед на тоа што процентот на излезност е повеќе од 40 проценти, извесно е дека граѓаните го избраа својот нов претседател. Движењето ЗНАМ го честита изборот на претседател на државатa – рече Мемов.
Тој упати благодарност до сите граѓани на државата кои денеска излегоа на изборите и својот глас го дадоа за ЗНАМ. Потенцираше дека се задоволни што успеале во текот на кампањата да ги презентираат сите мерки од нивната изборна програма.
– Задоволни сме што во текот на кампањата за парламентарните избори успеавме на јавноста да и ги презентираме сите мерки од изборната програма Проглас за достоинствена Македонија, ги промовиравме нашите кандидати за пратеници, но и нашиот тим експерти од сите области на општественото живеење – додаде Мемов.
На новинарско прашање дали имаат резултати колку пратенички места ќе добијат, Мемов одговори дека нивниот аналитички центар во моментов ги пребројува гласовите, ги анализира и во текот на вечерта ќе го имаат точниот број.