
Мемов: ЗНАМ досега нема преговарано со ВМРО-ДПМНЕ за учество во идната влада
Со ВМРО-ДПМНЕ не сме имале преговори за наш влез во идната Влада што таа партија ќе ја раководи, изјави за МКД.мк портпаролот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов.
„Нашиот став е дека сè додека немаме официјална покана од ВМРО-ДПМНЕ ние нема да излегуваме со информации, изјави и ставови во поглед на наше евентуално учество во таа влада. Ако забележавте, во изминатиот период немаме јавни настапи ниту презентираме ставови во врска со составот на идната влада или во поглед на преговорите што раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги води со коалицијата Вреди. Посветени сме на нашите внатрешни партиски активности. Ако бидеме повикани на преговори, ќе преговараме, доколку не, нема да инсистираме, ќе дејствуваме според нашата политичка програма која јасно ја презентиравме во изминатите месеци, како за време на претседателските избори од страна на нашиот лидер Максим Димитриевски, така и за време на целата кампања за двојните избори преку наши настапи, изјави и прес-конференции“, ни изјави Мемов.
Тој додаде дека се јасни позициите на ЗНАМ во поглед на националните прашања, како и во поглед на политичките и економски прашања.
„Тие се јасно вградени во нашата програма, ќе се придржуваме до нив, биле ние во владата или не“, вели Мемов и додава дека се дефинирани и принципите на идна соработка со владата или на идно владино коалицирање и повторно нагласува дека досега нема покана за разговори и преговори со победничката партија на изборите.
Meмов вели дека ЗНАМ е транспарентна партија и дека јавноста нема да биде ускратена за информации доколку биде добиена официјална покана за преговори.
Мемов не сакаше да ги коментира досегашните преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ниту што од аспект на можно влегување на ЗНАМ во владата значат информациите за веќе договорена поделба на министерските места со албанската коалиција.