
Димитриевски: ЗНАМ е подготвен да влезе со својот капацитет и кадри во голем број на ресори во државата и да даде свој придонес за сериозни реформи, стабилизација и реализација на владината програма
Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 рече дека со ВМРО – ДПМНЕ за идната влада се работи за основни елементарни разговори околу основните принципи на функционирање, усогласување на идеолошките разлики. Тој додаде дека разговараат врз основа на платформата којашто ја понудиле и била прифатена во целост. За Димитриевски е помалку битно каква ќе биде имплементацијата на власта во делот на тоа кој колкав број ресори ќе има, туку поважно е што тоа суштински ќе се реализира кон граѓаните за да ја почувствуваат реалната промена.
Димитриевски исто така рече дека преговорите со ВМРО-ДПМНЕ ги водат генералниот секретар и двајцата потпретседатели, а тој и Мицковски имале една средба и го потврдиле тоа што претходно било договорено. Во однос на тоа кои ресори ќе ги добие Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Димитриевски рече дека се разговарало за поголем број на ресори и дека ЗНАМ е подготвен да влезе со својот капацитет и кадри во голем број на ресори во државата и да даде свој придонес за сериозни реформи, стабилизација и реализација на програмата и тоа што го ветиле.
„Имаме капацитет и за правда и за други големи министерства, но сепак тоа ќе зависи од конечниот договор. Верувам дека доколку ЗНАМ добие поддршка да го менаџира овој сектор успешно ќе спроведеме сериозни реформи во делот на она што значи независна судска власт, обвинителство и да се деполитизира овој сегмент во општеството како неопходен за владеење на правото во државата. Сеуште стојам на зборот дека во Македонија нема правда. А без правда нема и мир, а без право нема и држава.“
Димитриевски додаде дека во однос на нултата толеранција за корупција ЗНАМ како нова партија, неоптоварена со никакви обврски кон поединци, групи, бизнис лобија, ќе може во целост да имплементира сериозни реформи во рамките на менаџирањето со овој ресор.
„Факт е дека ние имаме политизирано општество во сите сегменти, особено во институциите на системот. Можеби ЗНАМ е најсоодветниот кој може да ги спроведе овие реформи и никој нема да му замери. Сметам дека на Македонија ѝ е дојдено времето да изгради систем кој ќе почива врз база на квалитет, закон, принципи, судска пракса и сето она што значи правда за сите граѓани“, потенцира Димитриевски.
Запрашан кои се имињата за ресорите кои ќе ги има ЗНАМ, Димитриевски посочи дека во пониските ешалони на власта ќе дадат шанса на професионалците во системот. „Во однос на основните носители на политичките функции, членовите на владата, замениците министри за тоа ќе одлучуваат партиските органи и тела и во рамките на легитимна процедура ќе ги дадеме најсоодветните имиња кои што ќе бидат компетентни, способни и секако мотивирани да го сработат тоа што е тешко, а се вика реформа“, рече тој.
На прашањето зошто влегуваат во владата и дали тоа не е опасност да завршат како НСДП на Тито Петковски, Димитриевски одговори: „Многу е лесно да се напаѓа, да се биде опозиција. Политички некоректно е да останете по страна во овој момент и да ги оставите оние што победија на овие избори да висат, за неколку места да бидат уценувани со непринципиелни предлози од страна на потенцијалните партнери кои доаѓаат од етничките заедници, а од друга страна и притоа да ликувате. Ние се етаблиравме како политички субјект. Граѓаните не препознаа на овие избори, добивме респектабилна поддршка. Нам во Македонија не ни е потребно политиканство, туку ни се потребни резултати. Носителот на оваа власт ќе биде поголемиот партнер, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, но ние ќе бидеме партнерот кој ќе овозможи имплементација на власт. Нема да дозволиме никој да си поигрува со македонските национални и државни интереси.“
На констатацијата дека има пад на гласовите во парламентарните избори за ЗНАМ во однос на претседателските, Димитриевски рече: „Ние немаме пад на избори. Имаме раст. Претходно немавме ништо, а на последните избори имавме 56 илјади гласови и шест пратеници. Што се однесува до анализата на претседателските избори, првично си поставивме цели и ги реализиравме. Многу ми е мило што граѓаните не’ препознаа како нешто ново, како трет момент или нов политички субјект, кој креира нови реални политики и е искрен кон граѓаните, се претставува на еден достоинствен начин, го држи нивото на парламентарната дискусија, на дебатата. Факт е дека на екраните и тука, на вашата телевизија, во платената политичка програма имаше се, но за ЗНАМ имаше многу малку, зашто законот е така скорен каде големите добија многу, а за малите немаше место. Левица е политичка партија која постои многу подолг период. Со политички субјект создаден пред неколку месеци, четири-пет месеци, до резултат од 56 илјади гласови, јас не се сеќавам дека некој успеал да го направи тоа. Успеавме со многу мотивирани луѓе, добро организирани, со чесен пристап и издржана програма. Се зависи од нас. Како ќе се движиме, така граѓаните ќе не препознаваат. Ние имаме намера да ја изградиме новата политичка сила на македонскиот политички простор. Ние ќе бидеме коалиционен партнер којшто нема да биде привезок во коалицијата, туку ќе градиме партнерски односи со нашите идни коалициски партнери. Во првиот момент кога ќе сметаме дека тоа не е така или нашиот збор не се почитува, нема да бидеме составен дел од владата.“
Запрашан дали им простил на учесниците од 27 април, Димитриевски рече дека тој има простил на сите што учествуваа во толпа. „Не им простив на сценаристите и режисерите на тој настан. Тие луѓе кои учествуваа во толпа не треба да одговараат и да ги оквалификувате како терористи во Диво насеље. Но, оние кои треба да одговараат се оние кои повредуваа луѓе, нанесоа телесни повреди и оние кои го организираа тој настан, оние кои го напишаа сценариото и дефинитивно оние логистички го поддржаа целиот тој настан со изземање на полицијата и нејзината неактивност во тие моменти. Многу е лицемерно, тие коишто ги заведоа луѓето, кои сега не се тука, не одговараат, а тие заведените се сите изведени пред правдата и сериозно санкционирани“, потенцира тој.
Запрашан кој е неговиот став во однос на она што го изјавува ДУИ, Димитриевски рече дека оваа држава мора да се води врз база на устав и закон. „Ако сте во мнозинство сте власт, ако не сте, тогаш сте опозиција. Рамковниот договор е во целост имплементиран и исцрпен. Мора да почитуваме Устав, мора да почитуваме закон. Дали тоа некој ќе го прифати или не тоа е веќе нивна одлука, но ќе мора да се држат до законот.“
Во однос на констатацијата дека Вреди изнесува исти, или многу слични барања како и ДУИ, Димитриевски рече: „Од аспект на претседател на ЗНАМ можам да кажам дека ЗНАМ нема никогаш да дозволи во идното парламентарно мнозинство било кој од партнерите да биде уценуван од страна на било кој со неприципиелни барања и во делот на уставни измени и во делот на било што што би било наметнато, а општо неприфатливо за граѓаните и за мнозинството македонско население.“
На прашањето за ставот околу однесувањето на Африм Гаши при полагањето на заклетвата во Собранието, Димитриевски рече дека не сака да верува оти тоа било намерно. „Јас тука зборувам за господинот Гаши на кого му го кажав своето мислење. И верувам дека тој пропуст, свесен или несвесен, во иднина ќе треба да го исправи. Ако продолжи со таа пракса ќе фрустрира дополнително граѓани на оваа држава, а пред се Македонците и ќе даде еден многу лош наратив за работењето на новото парламентарно мнозинство во иднина, каде што голем број од нас ќе ги преиспитуваат своите ставови. Верувам дека Африм Гаши ќе излезе од изборниот вокабулар и самиот ќе види дека мора да тргнеме напред. Во спротивно ќе следи интерпелација“, рече тој.
Во однос на влегувањето во Европската унија, Димитриевски рече дека како Движење ЗНАМ – За наша Македонија нема да работат под притисоци, уцени и било какви форми на изнуда. Прифатливо е единствено како партнери со разговори да ги надминуваат сите отворени прашања, за што, како што рече со господинот Мицковски имаат апсолутно изедначени ставови. „Македонецот мора да влезе во Европската унија и ќе влезе, но 2030 година, како што говоревме и во кампањата, е нереално. Прво да си ја завршиме домашната задача, да создадеме дополнителна вредност, да работиме самите за своето, да ги исполнуваме европските стандарди и да влеземе во тој процес сложно. Нас ни е многу побитно да се задржи државноста, да се сочува идентитетот, јазикот, културата, континуитетот и Македонецот, Македонија и сите нејзини граѓани да влезат во ЕУ со крената глава. Ќе апелирам до сите граѓани од албанската етничка заедница, да разберат и да сфатат, тука ја барам нивната поддршка, дека се работи за едно решение кое се однесува на македонскиот народ, македонскиот идентитет, култура, јазик, историја и доколку живееме заедно треба да се разбираме. И ако до вчера не бевме браќа, ајде од денеска да бидеме браќа со еднакви права, но исто така и со еднакви обврски“, додаде тој.
Во однос на преговарачката рамка Димитриевски потенцира дека мораме да покажеме единство во македонскиот корпус. „Ако Македонија, првенствено Македонците покажат единство на овој план, многу поинаку ќе не разберат и оние кои сакаат да ни помогнат да влеземе во ЕУ. Многу посериозно ќе бидеме сфатени. Ако може да се менува преговарачката рамка за Србија и Црна Гора, зошто да не може и за Македонија“, рече Димитриевски.
Во однос на Преспанскиот договор, тој рече дека го поддржувал во рамките на иницијативата за референдумот, но не гласал за него. „Тој е на сила, но никој не може како на граѓанин на оваа држава да ви забрани, затоа што не е забрането со Преспанскиот договор, да користите Македонија, македонски, тоа ни е на нас во срцето. Во официјалната комуникација сте должни согласно Уставот да го користите тоа име. За мене секогаш ќе биде Македонија“, потенцира Димитриевски во настапот во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.