Арсоски: Досегашното сидро, да го замениме со полни едра и да се придвижиме напред!
Денеска кога очите на јавноста се свртени кон највисокиот претставнички дом, сите овде во пратеничките клупи ја чувствуваме одговорноста кон секој гласач кој ни ја дал довербата да работиме во нивно име за подобар живот и достоинствена држава, истакна пратеникот Павле Арсоски во својот говор во Собранието.
Движење ЗНАМ ЗА НАША МАКЕДОНИЈА, со своите 6 пратеници, во ова Собрание претставува една нова и свежа политичка опција на која граѓаните ѝ дадоа сериозна доверба. Тоа се потврди и со бројот на гласови кои нашиот лидер Максим Димитриевски ги доби на претседателските избори, а се потврди и на парламентарните. Дозволете ми, најпрво да им се заблагорадам на граѓаните кои се одважија да ни ја дадат довербата, но и да се заблагодарам на сите останати граѓани кои гласаа по свое лично убедување за другите политички опции. И да им порачам дека сите заедно ќе работиме за државните национални интереси и ќе дадеме Максимум за Македонија.
Одлуката за учество во владината коалиција не беше ниту лесна ниту едноставна. Но, во програмите на идните коалициони партнери воочивме голем дел и од сопствените заложби за подобра и попросперитетна држава. Токму затоа и ја прифативме понудата заеднички да направиме вонредни напори и здружено да ја стабилизираме државата, да ја заживееме економијата, да го запреме иселувањето и да ги задржиме младите и Македонија повторно да ја направиме самоодржлива и независна држава!
Кај коалицијата која денес ја претставува мандатарот препознавме она за што и самите како Движење ЗНАМ се залагаме, да покажеме поинаков начин на практикување на власт, на вистинска служба во интерес на народот, да работиме посветено и одговорно, чесно и домаќински. Да ја вратиме вербата на граѓаните во институциите на системот, да ја вратиме надежта во подобар живот и подобра иднина на генерациите што доаѓаат. Да го вратиме вистинскиот патриотизам и љубов кон татковината, истака Арсоски.
Убедени дека тоа е можно и остварливо, Движење ЗНАМ во новиот владин кабинет инсистираше на активно учество во работата и одлучно преземање на одговорност. Така, во новата Влада ќе придонесуваме со двајца претставници, идните министри за правда и за јавна администрација, двајца чесни, стручни и посветени луѓе чии што оперативни способности ќе бидат додадена вредност на новиот владин кабинет. И токму од овие две министерства треба да почне и спроведувањето на основната платформа на Движење ЗНАМ, а од денес официјално и на владината програма за правна држава, за право и правда за сите. За бескомпромисна борба против политичкиот криминал, стопанскиот криминал и корпуцијата. Но исто така и за ефикасна и ефективна јавна администрација. За администрација која ќе биде сервис на граѓаните.
Да ве потсетам и вас почитувани колеги, но и јавноста, дека живееме во држава узурпирана, приватизирана и разнебитена поради погрешните и лукративни политики водени од минатата власт. Држава со поткопани историски темели, со девастирана економија, држава во која цветаат криминалот и корупцијата, држава на сиромашни и несреќни луѓе. Држава во која немаше правда за жртвите од Ласкарци, за жртвите од автобуската несреќа во Бугарија, за живите изгорени од модуларната болница во Тетово, немаше одговорност на носителите на јавни функции за болните од онкологија, за КОВИД мафијата, немаше одговорност за сите што ја злоупотребиле службената должност со јавните набавки. Немаше правда и одговорност за расипничкото и бескрупулозното испумпување на народните пари од државниот буџет во приватни џебови. Македонија беше држава која минатата влада ја водеше од пораз во пораз давајќи си автоголови, како на внатрешен, така и на надворешен план,. Долги 7 години Македонија имаше Влада без компас, без идеја и иницијатива. Влада без желба и волја за работа во интерес на своите граѓани.
Како пратеник на Движење ЗНАМ, потенцира Арсоски, ќе дадам целосна подршка за новиот владин состав, бидејќи верувам дека на Македонија и е потребен целосен рестарт и нов фуриозен почеток, на Македонија и се потребни брзи и коренити промени на секое поле, почнувајќи од економијата, енергетиката, земјоделието, трговијата, социјалните политики, дипломатијата, образованието и здравството. На Македонија и е итно потребно воспоставување на правна држава и професионален државен апарат врз база на одговорност, транспарентност и отчетност. Македонија повеќе не смее да чека, бидејќи премногу драгоцено време беше залудно потрошено.
Убеден сум дека сите претставници на Владата заеднички ќе работат на развивање на демократското општество, меѓуетничка толеранција почитувајќи ги сите човекови права и слободи. На унапредување на интересите на македонскиот народ и на сите етнички заедници. На заштита на нашите природни богатства и човековата околина. Македонија како крстосница на Балканот, заслужува модерна и разграната патна и железничка инфраструктура. Граѓаните на Македонија заслужуваат европско образование, квалитетно здравство достапно за сите, повисоки плати и пензии и севкупно повисок стандард и квалитет на животот.
Потребно е итно да ги промениме нештата бидејќи нема кој друг да го стори тоа. Од нас самите зависи! Потребно е да се внесе нова, свежа енергија и ентузијазам, да се воспостави ред, работа и поредок.
Потребно е досегашното сидро, да го замениме со полни едра и да се придвижиме напред!
Владината програма 2024-2028 ветува посветено и домаќинско работење и остварување на нашата заедничка визија за Македонија како модерна европска држава. Само таква Македонија ќе биде држава на задоволни и среќни граѓани, рече пратеникот Арсоски.
Потребно е да се вратиме на вистинскиот пат кон ЕУ, на патот на вредности и стандарди, почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото.
Потребно е сите заедно да ја преземеме одговорноста и одново да ја вратиме надежта кај граѓаните. Да бидеме сериозни, стабилни и конструктивни, Собранието да биде арена за витешка борба со аргументи и ставови, а не политички тетатар, потенцираше Арсоски во говорот во Собранието.
На мандатарот и на новиот Владин состав им посакувам силна волја, решителност, одважност и успеси. Им посакувам да се водат со прочуената максима– ACTA NON VERBA, Дела а не зборови! Токму тоа и е сега потребно на државата.
Да живее Македонија!, истакна Арсоски пред пратениците во Собранието.