
НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии
Врз основа на член 68, став 2 од Уставот на Република Македонија (1991) и чл. 203 став 2 и чл.204 став 1 од Деловникот на Собранието на РМ (2023), а
-тргнувајќи од богатото историско, културно и духовно наследство на македонскиот народ и од неговиот стремеж за национална и социјална слобода и создавање своја држава;
-водени од вековната заедничка борба на македонскиот народ и другите етнички заедници за слобода, рамноправност, меѓународно признавање, сувереност и национална посебност;
-поаѓајќи од државно-правните традиции на Крушевската република и идеалите на славните Илинденци изразени преку Крушевскиот манифест како базичен документ за националната самосвест и темел за создавање на самостојна, независна и суверена македонска држава;
-следејќи ја идеолошката линија на партизанската народно-ослободителна и антифашистичка борба на македонскиот народ и заедниците во НОВ и темелејќи се на историските државно-правни одлуки донесени на АСНОМ, пренесени преку Манифестот на АСНОМ, како основен темел на македонската држава;
-истакнувајќи ја важноста на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија каде се прокламираат и гарантираат сите права на слободен национален живот и потполна рамноправност на сите националности во Македонија;
-повикувајќи се на неотуѓивото природно право на самоопределување и самоидентификација на секој народ, гарантирано во Универзалната декларација за човекови права (ООН, 1948), како општоприфатен стандард за гаранција на човековите права и слободи и Меѓународниот пакт за граѓански политички слободи и права (ООН, 1966);
-упатувајќи на важноста во оваа насока на Европската конвенција за заштита на човековите права (СЕ, 1950) како и судската пракса на Европскиот суд за човекови права;
-потсетувајќи на Третата конференција на ООН за стандардизација на географските имиња (Атина, 1977) на која македонскиот јазик е официјално признат на светско ниво;
-потпирајќи се на Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија (25 јануари 1991г) за независност и територијален интегритет на македонската држава, базирано врз правото на самоопределување;
-почитувајќи ја легитимната народна волја изразена преку плебисцитарната Одлука за независност донесена со огромно мнозинство на Референдумот од 8 септември 1991 година а потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати (18 септември 1991);
-потврдувајќи дека Уставот како конститутивен елемент на македонската нација освен македонскиот народ ги препознава и граѓаните Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и припадниците на другите заедници и сите подеднакво се одговорни пред идните генерации за зачувување на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија и се еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во насока на градење на заедничка стабилна, самостојна и суверена држава која обезбедува демократија, владеење на правото и во која се гарантираат човековите права и граѓански слободи –
Собранието на РС Македонија, на пленарната седница одржана на ден ______, ја донесе следнава
НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии
1. Суверенитетот и територијалниот интегритет на РС Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и неотуѓиви. Секој вербален или невербален акт, од внатре во земјата или од надвор, кој оди во насока на оспорување, негирање или омаловажување на овие темели на уставниот поредок, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин.
2. Македонскиот јазик е национален, стандарден јазик на македонскиот народ, со свој автономен јазичен, просторен и временски континуитет. На целата територија на РС Македонија како и во меѓународните односи, службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Секое негирање на посебноста, автентичноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик, од внатре или надвор, Собранието беспоговорно ќе го отфрли во целост и јавно ќе го осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет и македонската државност.
3. Македонскиот национален идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, колективна меморија, обичаи, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурна посебност и колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и континуираната припадност на овие географски простори. Македонската национална историја, јазик и култура се обележја на македонскиот идентитет и интегритет. Секој акт во насока на негирање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на кое било обележје на македонскиот национален идентитет, на внатрешен или надворешен план, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин.
4. 2 Август – Илинден – е национален државен празник на македонската нација и македонската држава, како симбол на сите негови борби за слобода и создавање на слободна, независна, суверена македонска држава. Секој обид за непризнавање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на чествувањето на највисокиот државен празник на РС Македонија, од внатре или надвор, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет.
5. Државни симболи на РС Македонија се државниот грб, знаме и химна и истите можат да се употребуваат во согласност со законските одредби и на начин со кој не се нарушува угледот и македонското национално достоинство. Секој акт на непочитување, оспорување, сквернавање, омаловажување, вандализам или обид за менување, на внатрешен или надворешен план, Собранието со индигнација и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин.
6. Собранието потенцира дека во Македонија , како мултиетничко и мултикултурно општество, стабилните меѓуетнички односи и соживот се клучни за обезбедување на мир и соживот, базиран на целосно еднакви права и обврски. Секоја закана, обид или акт, вербален или невербален, со цел создавање тензии, дестабилизација, ширење на омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на етничка или религиска основа, Собранието беспоговорно ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како антидржавен чин и акт насочен против уставниот поредок на државата.
7. Собранието на РС Македонија смета дека прашањето за заштитата на основните права и слободи и статусот на македонското национално малцинство кое живее во соседните земји и во други држави, повикувајќи се на принципите што се апсолвирани во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1994) на Совет на Европа, се врвен национален и државен интерес и императив во политичкото делување во земјава.
8. Собранието го реафирмира пристапувањето на земјата во Европската унија како врвна државна, национална и стратешка цел, со исполнување на Копенхашките критериуми во целост, под еднаков начин и услови под кои се придружиле и сегашните земји-членки на Унијата. Собранието потенцира дека никој не смее да разговара или преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен и надворешен план. Сите такви обиди или дејствија Собранието беспоговорно ќе ги отфрли и јавно ќе ги осуди како антимакедонски и антидржавен чин.
9. Собранието го потенцира својот недвосмислен став дека никој, од која било позиција или статус, на внатрешен или надворешен план, на ниту еден начин или под какви било услови не смее да преговара, заговара или редефинира за прашања поврзани со унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, македонскиот јазик, идентитет, националната историја, култура, државните симболи или правата на македонското национално малцинство кое живее надвор од границите на РС Македонија.