Дали следниот чекор на СДСМ е напуштање на законодавниот дом, со крајна цел бојкот на следните Парламентарни избори?
Во изминативе денови сведоци сме на уцени и на еден длабоко неодговорен и деструктивен однос од страна на СДСМ и Венко Филипче, особено во контекст на измените на Законот за Влада. Со овие измени јасно е предвидено дека техничката влада ќе важи за следните парламентарни избори, а потоа ќе биде укината како модел во иднина. Ваквиот модел одамна ја има исполнето својата примарна цел и не постои како стандард во ниедна современа европска демократија и држава. Сите тврдења дека техничката влада се укинува веднаш, како и дека ова решение е донесено без консултации со политичките партии, се обична лага и претставуваат обид за манипулација со јавноста. Наместо конструктивност и политичка зрелост во време кога е неопходен широк консензус, гледаме обиди за блокади, калкулации и партиски игри на штета на граѓаните. Последниот потег, заканата за повлекување од работната група за новиот Изборен законик, е само кулминација на ваквиот пристап.
Јавно прашуваме: На што се должи овој потег?
– Дали сме сведоци на подготовка за сценарио за целосна блокада на работата на работната група за Изборниот законик?
– Дали следниот чекор е напуштање на законодавниот дом од страна на пратениците на СДСМ, со крајна цел бојкот на следните парламентарни избори?
-Дали вистинската причина е стравот од соочување со граѓаните и од извесен, катастрофален изборен пораз, по кој, како следствен чекор по таков катастрофален резултат, ќе следува и потребата од оставка на Филипче од челната позиција на СДСМ?
– Дали станува збор за однапред смислено сценарио за зачувување на личните позиции на актуелното раководствона СДСМ предводено од Филипче и нивните интереси?
– Дали ова е единствениот начин двоецот Филипче-Заев да го задржи влијанието врз партијата?
– Дали од лукративни причини се турка политика на конфронтација, со новинари, со видни членови на СДСМ, истакнати поединци, па дури и со градоначалници и пратеници од нивните редови?
– Дали намерно се изолира партијата од клучните процеси во државата?
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија јасно порачува – државата не смее да биде заложник на ничии политички калкулации. Ова е момент кога сите заедно мора да ја издигнеме демократската свест, да ја зацврстиме одговорноста и да покажеме дека знаеме да носиме одлуки во интерес на државата. Македонија заслужува стабилност, достоинство и напредок, и ние ќе продолжиме да работиме токму за таква иднина. Упатуваме повик до членовите и симпатизерите на СДСМ: – Бидете внимателни!
Не дозволувајте да бидете вовлечени во сценарија што водат кон изолација, кон уништување на партијата, слабеење на институциите и оттргнување на државата од европскиот пат. Политиката мора да биде во служба на граѓаните, а не на лични агенди.
Ова раководство на СДСМ ја доведе партијата до историски најнизок рејтинг, на ниво од едвај нешто над 5%, а со вакви непромислени и деструктивни сценарија ризикува целосно да ја маргинализира на политичката сцена. Затоа, упатуваме апел и до пратениците и градоначалниците од редовите на СДСМ – не дозволувајте да бидете инструмент во стратегии што водат кон слабеење, изолирање и непостоење на партијата.
Не прифаќајте политики што не се во интерес ниту на членството, ниту на граѓаните. Целиот товар на ваквите политики ќе падне врз Вас, додека двоецот Заев-Филипче ќе останат изолирани од политичките последици и ќе продолжат да делуваат без отчет пред јавноста, уживајќи во моќта на златните визи, забави и крстарејќи на луксузни јахти. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија се залага и ќе продолжи да работи во насока за силна, стабилна и европска Македонија.
Македонија во која одговорноста е правило, институциите се почитуваат, а државниот интерес е над секој личен или партиски интерес. Запрашан каков е ставот на партијата во однос на Законот за двојно државјанство, Мемов одговори: „Најавено е дека ќе има стручна и научна дебата во јавноста по ова прашање и кога ќе го имаме конечниот текст ЗНАМ ќе се произнесе по ова прашање во јавноста“. На прашањето дали е доволно само да се донесе овој закон за пратениците, бидејќи и во Уставот и во други прописи е дозволено да се има двојно државјанство, Мемор рече: „Конзистентен е ставот на ЗНАМ и во однос на Изборниот законик. Официјален став на ЗНАМ е дека идниот собраниски состав треба да биде со 90 пратеници, да има една изборна единица, изборен праг помеѓу 2 и 3% и да се промени начинот на финансирање на политичките партии. Вклучително за ова што вие го прашувате, ако се отвора Уставот, тогаш ќе треба да се дискутираат и овие прашања“.