Движење ЗНАМ – За Наша Македонија: Среќа за сите што Милошоски не е премиер на Македонија
„Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е последниот кој има кредибилитет да држи лекции за правосудни стандарди. Го слушнавме како објаснува што би направил и што би реконструирал кога би бил премиер. Добро е да потсетиме за среќа на сите: Тој не е премиер, ниту бил, нити ќе биде“, рече на денешната прес конференција Павле Арсоски, потпреседател на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија. Поводот за конференцијата, како што рече Арсоски, беше настапот на Милошоски во кој изрази најотворен сомнеж во квалитетот на работењето на министерот за правда Игор Филков, претседател на централниот одбор на Движење ЗНАМ – За наша Македонија и еден од најуспешните министри во Владата на Мицкоски.
„Добро е да се вратиме на реалноста, а не на политички фантазии. Министерството за правда и министерот Филков во изминатите 18 месеци имаат подготвено 28 закони, кои се во различна фаза на донесување. Особено внимание е посветено на законите кои треба да се донесат согласно Реформската агенда – владеење на правото. Од нив повеќето закони се доставени до Владата и се во владина процедура“, рече Арсоски. Тој додаде дека во интерес на Македонија и на сите нејзини граѓани треба да се продолжи со посветена работа на реформските процеси кои се единствениот пат кон европска иднина.
„Очекуваме во најкраток можен рок ВМРО ДПМНЕ јавно да се огради од ставот на Антонио Милошоски“, рече потпреседателот, Павле Арсоски. Запрашан кој е ставот на Движењето во однос на измените на кривичниот законик, Арсоски одговори: „Движењето ЗНАМ и пред минатогодишните парламентарни избори беше кристално јасно. Партијата е на став дека проблематичните измени на членот 353 од Кривичниот законик треба во најитна постапка да се вратат и да бидат во иста тежина согласно санкциите, дури ако е можно и да се зголемат. И ние опстојуваме на тоа и работиме на тоа“.
На прашањето дали податокот дека речиси 90 проценти од законите се во владина процедура значи дека Владата се однесува неажурно кон подготвените предлози и дали смета дека целиот процес треба да оди позабрзано од страна на владата, потретседателот Арсоски рече: „Сакаме да кажеме дека перцепцијата во јавноста кон министерот за правда и Министерството за правда кое што во 18 месеци подготви 28 закони, што се нема случено во поновата историја на Македонија, е нешто што треба да се респектира. Законите се подготвени. Некои се во измени и дополнување, некои се комплетно нови закони. Но прашањето треба да го упатите кон Владата и премиерот Мицковски, не кон Движење ЗНАМ, затоа што министерот со неговиот тим ја сработи работата и оваа цела плејада на закони се во одредена фаза на постапка“.
Закони согласно Реформската агенда – Владеење на правото
1.Нов Закон за Судски совет – Во собраниска процедура
2.Закон за измени на Законот за плати на судиите – Во владина процедура (4 јуни 2025)
3.Закон за измени на Законот за плати на јавните обвинители – Во владина процедура (20 јуни 2025)
4.Нов Предлог на Закон за судска служба – Во владина процедура (23 мај 2025)
5.Нов Предлог на Закон за јавнообвинителска служба – Во владина процедура (20 јуни 2025)
6.Закон за плати на членовите на Судскиот совет – Во владина процедура
7.Закон за плати на членовите на Советот на јавните обвинители – Во владина процедура
8.Нов Закон за Советот на јавните обвинители – Изготвен; ENER април 2025; ВК јули 2025
9.Нов Закон за Јавно обвинителство – Мислење на ВК усвоено 10 октомври 2025; подготовка за Влада
10.Нов Кривичен законик – Подготвен
11.Нов Закон за кривична постапка – Подготвен текст; кореспондентни табели во подготовка
12. Измени на Изборниот законик – Изготвени јуни 2025 (ODIHR)
13.Закон за Судски буџет – Подготвен; ќе се достави во владина процедура
14.Закон за судови – Работна група работи на законот
15.Закон за Академија за судии и јавни обвинители – Текст подготвен од работна група
Закони согласно стратегии и други закони
1.Закон за спречување на корупција и судир на интереси – Во владина процедура
2.Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи – Во владина процедура
3.Закон за парнична постапка – Во владина процедура
4.Измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер – Доставен до Влада
5.Закон за заштита на личните податоци – Формирана работна група
6.Закон за процена – Во владина процедура
7.Закон за вештачење – Во владина процедура
8.Закон за извршување на санкции – Изготвен текст
9.Закон за пробација – Изготвен текст
10.Закон за помилување – Финална фаза
11.Закон за здруженија и фондации – Работна група работи на измените