
Димитриевски во „Само интервју“ на Канал5: Во Македонија може да има само една Академија на науки, тоа е МАНУ
Димитриевски во „Само интервју“ на Канал5: Во Македонија може да има само една Академија на науки, тоа е МАНУ
„Ние сме луѓе коишто преземаме одговорност, не сме луѓе коишто знаат само да критикуваат, ќе бидеме дел од оваа влада до моментот кога сметаме дека работи искрено, посветено и во интерес на граѓаните и на државата“, рече Максим Димитриевски лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, гостувајќи во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Запрашан во почетокот на интервјуто, зошто се сретнал со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Базникин, Димитриевски одговори дека тој, како градоначалник на Куманово и лидер на партија, има средби со амбасадорите и тоа не е ништо невообичаено. Рускиот амбасадор, како што рече тој, бил гостин на Саем на органска храна каде што се прикажуваат различни кујни, а годинава била претставена руската кујна.
„Моите ставови по однос на државата, и моите лични ставови се јасни дека имаме класична агресија над Украина. Македонија е на страна на европските и НАТО држави, тука ставовите се јасни. Но мојата задача, согласно Законот за локална самоуправа е да ги удостојам сите странски дипломати коишто ќе дојдат во градот, вклучувајќи го тука и рускиот дипломат“ рече Димитриевски.
Во однос на тоа дали со амбасадорот Базникин договорил изучување на рускиот јазик во училиштата во Куманово Димитриевски одговори дека рускиот јазик во училиштата во Куманово се учи повеќе од 70 години, но нема голем интерес.
„Јасно е таму каде што ја пласираме стоката, таму каде што ни одат луѓето да ни работат, таму ни е и интересот. За среќа сме членка на НАТО, а еден ден ќе станеме и членка на Европската унија. БРИКС е идеја која се пласира во јавноста, ни мислам дека некои ретроградни сили го протежираат, но ЗНАМ не е таков политички субјект. Нашите цели се јасни, апсолутно. Треба да ги зацврстиме нашите позиции на евроатлантскиот пат и да изнајдеме дополнително средства како ќе станеме членка на ЕУ“.
На прашањето дали е разочаран или изненаден од раздвојувањето на Албанија од Македонија на патот кон Европската унија Димитриевски одговори дека лично е разочаран. Тој и посака успех на Албанија, која е наш сосед и треба да се интегрира, како што треба и целиот регион.
„Мислам дека ако Европската унија не изнајде инструменти и средства, евроскептицизмот ќе се поткрева во државава. Тоа што суштински се бориме да не дозволиме странско друго влијание во регионот, притоа сметајќи на кинеското и руското, за жал ќе се зголемува и Европа треба да биде свесна за тоа“, рече Димитриевски и додаде дека нашите дипломатски напори треба да продолжат и при тоа со исправени, достоинствено да ги браниме нашите државни и национални интереси, како македонски народ, македонска држава и интересите на сите граѓани на Македонија.
Во однос на уставните измени и нивното одложено дејство и дали има консензус во владината коалиција околу тоа како да се продолжи по европскиот пат, Димитриевски рече дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, како помал, но не помалку вреден, владин партнер се задоволни што нивните ставови се имплементирани во владината програма и потенцира дека:
„Уставни измени под овие услови како што се диктираат не може да се случат. Уставни измени може да се случат по основ на добра волја на ,мнозинството во парламентот, ако претходно ни биде гарантиран континуитетот, самобитноста, јазикот, културата, идентитетот, историјата. Тоа мора да го гарантира Европската унија, бидејќи таа е преговарач во овој процес во моментов. Она што е побитно за нас е ние, Македонците првенствено, да се обединиме по ова прашање, да изградиме консензус, да побараме поддршка од останатите граѓани во државата, кои живеат во неа, а припаѓаат на останатите етнички заедници, ставајќи акцент и барање до албанската заедница, да не разбере, дека тука се работи директно за националните чувства на Македонците, како мнозинско население во оваа држава. Нема да поминат било какви уцени ниту од ВРЕДИ, ниту од ДУИ, ниту од било кој политички субјект додека е составен дел на оваа влада ЗНАМ“.
Во однос на можна дестабилизација на државата Димитриевски нагласи:
„Ние неколку пати сме го менувале Уставот по потребите на помалите етнички заедници, кога имате имплементација на истиот устав во сите нивоа, кога имате претставници во трите власти, законодавната, извршната и судската, единствено што може во ваква ситуација да се направи е согласно законот, да протестирате, но не и да ја дестабилизирате државата. Секако таквото однесување треба да биде осудено од страна на членките на ЕУ, од нашите партнери, а државата треба да постапи согласно Уставот и да го санкционира таквото однесување“, рече Димитриевски.
Запрашан што понатаму во однос на спорот со Бугарија и пристапот кон ЕУ, Димитриевски рече дека првенствена намера е финансиски да се стабилизира државата, сериозна борба против корупцијата, што може и да се види од активностите што се преземаат.
„Да се даде можност квалитетот да биде пред квантитетот, да се оформи професионална јавна и државна администрација, дополнително да се создаде независно судство, независен правосуден систем и да се подигне бруто домашниот производ во државата, а процесот на евроинтеграции е неминовен и ќе се следи. Ние мора да ги убедиме нашите партнери во Европа дека тие принципи по коишто се владеат денеска истите, не се принципите на Шуман и Моне и основната идеологија зошто е создадена таа европска перспектива, Европска Унија. Зошто тоа Македонија да биде приморана поради своето членство во Европската унија македонскиот народ да се откаже сам од себе си. Па видете мене ми е поважна државата од било кое членство во било кој меѓународен сојуз. Оваа политичка гарнитура дојде на власт баш на овие теми кои се многу важни за македонските граѓани. Не можеме да ги изневериме граѓаните и нивните чувства. ЗНАМ секогаш ќе се бори против таквите појави“, рече Димитриевски.
На прашањето дали има фирма во Бугарија, МБС Глобал, во која има 20 проценти сопственост, Димитриевски одговори:
„Јас доаѓам во светот на политиката од приватниот бизнис. Со приватен бизнис се занимавам од 1998 година. Со тоа го хранев и издржував семејството.. Еден период во животот, кога мои како стечајни работници останаа без работа им отворив продавница во Куманово и така функционирам семејно. Никој во моето семејство, што велат старите, не живеел на државна чешма. Сум се занимавал и до ден денеска целиот имот што го поседувам е пријавен на мојот анкетен лист, вклучувајќи ја и таа компанија, која за жал никогаш не профункционира. Денеска се занимавам со политика и немам време за бизнис“. Тој појасни дека е основана во Бугарија, бидејќи во тој момент била земја членка на ЕУ од каде може многу полесно да се пласираат стоките.
Во однос на стореното за сто дена влада. Димитриевски рече дека никој не може да очекува работите да се променат преку ноќ, но е факт дека нештата се придвижуваат. Според него реално владината програма ќе започне да се реализира следната година со новиот буџет, а досега само е санирана затекнатата состојба.
„Сметам дека треба да се работи многу поинтензивно. Создавањето на професионална администрација и реформите во судството се битни. ЗНАМ менаџира со овие два ресора и ние сме задоволни од нашите кадри. Во делот на правосудството, првата одлука на министерот беше во интерес на граѓаните, ако се сеќавате, ги укина оние фамозни нотарски такси, кои што беа зголемени од претходната власт до 50 пати, по ценовна вредност за давање на некои услуги и сака суштинска реформа во правосудството. Не само про форма реформа која што ќе ги смени едните, а ќе дојдат подеднакво исти. Да изградиме професионално судство, независно судство, обвинителство, а во делот на јавната и државната администрација, кај министерот Минчев, сведоци сме дека една од најактуелните теми беше балансерот. Факт е дека таа тема тргна директно од ЗНАМ. Треба да се воведе реален мерит систем со којшто сите ќе имаат еднакви права и можности, но при тоа ќе се вреднува оној што е најквалитетен“, рече Димитриевски.
Запрашан како ја коментира идејата за основање на албанска академија на науки, тој рече:
„Секој има право на идеја. Од идеја до реализација тоа е еден процес. Еве јас можам во Куманово да направам десет академии на науки како невладини организации. Но ќе ми замерат граѓаните зошто ги трошам парите за невладини организации, а не за инфраструктурни проекти. Тоа е само идеја. Чиста манипулација со народот, со електоратот е да велите дека ќе формирате академија на науки. Во Македонија може да има само една академија на науки, тоа е Македонската академија на науки, каде што членуваат и Албанци и Срби и Роми. Науката не познава нити нација, нити јазик. Единствено познава работа и континуитет. Тој кој што се занимавал со наука во континуитет, кој што има одреден број на трудови, меѓународно признаени, се рангира како научник и нему му е место МАНУ. Исто како што МАНУ не може да има ниту во Албанија, ниту во Србија, не може во Македонија да има албанска, српска или било која друга академија на науки. Ова е купување на евтини политички поени, но тие нека си го објаснуваат тоа. МАНУ е формирана со закон во социјалистичка Македонија, па имавме промена на истиот тој закон кога имавме промена на името на МАНУ. За да формирате академија треба да донесете закон. ЗНАМ нема никогаш да го гласа тој закон, а претпоставувам и нашиот владин партнер, бидејќи се произнесе по тоа во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. Го слушнавме и ставот на СДСМ, таков каков што е. Кој ќе го гласа. Значи тоа ќе остане само идеја, како што досега останале многу идеи кои што имале стриктно политичка и наменска улога во делот на замајување на електоратот по национална основа. Се сеќавате дека во Македонија беа прогласувани и Илириди и екстериторијалност и каде е сега тоа, рече Максим Димитриевски, лидерот на Движење ЗНАМ- За наша Македонија и градоначалник на Куманово, во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.