
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија во КОРЧА, АЛБАНИЈА: ПОДДРШКА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО АЛБАНИЈА
До сите парламентарни партии од македонското Собрание од страна на единствената политичка партија на Македонците од Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), беше испратена покана за средба на нивни делегации во Корча, Р. Албанија.
Политичката партија „Движење ЗНАМ – за наша Македонија“ на средбата беше претставувана од членовите на Извршниот одбор, проф. д-р Катерина Тодороска и Ристо Николоски.
Целта на средбата беше делегациите на македонските политички партии да се информираат за актуелните состојби на Македонците во Албанија.
Се проговори за социјалната и економската положба на македонското национално малцинство во Албанија, за потребата од создавање на едно тело при македонската Влада, кое ќе биде задолжено за комуникација со Македонците од соседните држави бидејќи тие не се чувствуваат како дијаспора туку како домародни Македонци во албанската држава. Исто така, беше речено дека македонската држава треба да помогне со дипломатски средства да се признае македонското малцинство, покрај Преспа и во областите Голо Брдо и Гора. Беше истакнато и тоа дека голема улога во подобрувањето на состојбите сред Македонците во Албанија можат да одиграат и невладините организации чие доброволно учество во настани и активности организирани во Албанија би било од големо значење за младите Македонци. Задолжителното образование на мајчин јазик, исто така, беше тема која побуди голем интерес сред говорниците.
Секако, најгорлива тема за разговор беше бугарската пропаганда во Албанија за асимилација на Македонците, како и начините на кои таа се изведува. Во таа насока беше побарана помош од сите релевантни институции за поголемо присуство на македонски официјални лица, на културни, образовни и научни работници кои ќе ја вратат вербата на македонското национално малцинство во грижата на матичната македонска дрѓава кон нив.
Од страна на претседателот на МАЕИ беше презентирана и „Нацрт-платформа за поддршка на македонското национално малцинство од страна на Македонија“, чиј што текст останува отворен за дообработка до финализирање, кога ќе се понуди пред пратениците во македонското Собрание на разгледување и прифаќање.
Претставниците на „Движење ЗНАМ – за наша Македонија“ беше истакнато дека досегашната работа од страна на македонските институции, во однос на македонското национално малцинство во Албанија, најдобро може да се согледа преку цифрите на последниот попис на населението одржан во 2024 година во Албанија. При тоа, беа посочени факти кои говорат за незаинтересираноста на македонските министерства за создавање на еден тим од научни работници кои би работеле на сите аспекти од животот на македонското национално малцинство на албанската територија.
Во врска со искажаниот став на в.д. амбасадорот Љуфтим Спахиу на средбата, за соработка на партиите од т.н. македонски блок со партииите од т.н. албански блок во македонското Собрание, во насока на заедничко настапување во интерес на Македонците во Албанија, од „Движење ЗНАМ – за наша Македонија“ потсетуваат дека поканата на МАЕИ се однесуваше на сите парламентарни партии. Тоа значи дека и ВЛЕН и ДУИ имале можност да покажат солидарност со другите парламентарни партии и да испратат свои претставници на средбата со претсавниците на МАЕИ во Корча. Но, тоа не се случи.
Политичката партија „Движење ЗНАМ – за наша Македонија“ активно ќе соработува со раководството на МАЕИ во подобрување и финализирање на текстот на Нацрт-платформата, ќе иницира реконструкција на неколку значајни објекти во областите каде живее и работи македонското население во албанските области со помош на приватни компании и донатори.
Политичката партија „Движење ЗНАМ – за наша Македонија“ ќе се заложи за итно решавање на неколку проблеми на Македонците од Албанија за кои не се потребни големи финансии, како што се: 24 часовно работно време за граничниот премин Џепиште-Требиште, потоа за доделување на македонско државјанство на 278 Македонци од Албанија кои долги години стојат на листа за чеакање на македонски пасош. Ќе иницираме и разгледување на можноста за отворање на граничниот премин Стење за товарни возила, во Преспа, со што ќе се забрза транспортот на стоки во овој пограничен појас.
Политичката партија „Движење ЗНАМ – за наша Македонија“ во континуитет ќе продолжи да ја следи и поддржува борбата на македонското национално малцинство во Албанија за нивна заштита од бугарските атакувања, за образование на мајчин македонски јазик, како и за сите искажани потреби на Македонците во Албанија.