Панел дискусија – ЗНАМ една година учество во Влада
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на панел дискусијата „Јавната администрација и зелената иднина: Координација, инспекција и акредитација за одржливо општество“, организирана од Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, по повод една година од неговото учество во Владата.
Министерот посочи дека донесените четири клучни закони – за вработени во јавниот сектор, административни службеници, стручно усовршување и инспекциски надзор – ја поставуваат темелната рамка за модерна, професионална и интегритетна администрација. „Овие закони не се само административна регулатива, тие се сржта на новиот правец што го трасираме во управувањето со јавниот сектор. Не ги носиме реформите за да „исполниме форма“, туку за да поставиме нови стандарди на јавна служба – модерна, чесна и ориентирана кон граѓаните“, истакна Минчев.
Тој исто така зборуваше за предизвиците и отпорот кон реформите: „Секоја вистинска реформа менува навики, а навиките се најтешки за промена. Но ние не бегаме од соочување. Напротив, ќе дејствуваме во секој ресор, ќе разговараме со секој сектор и ќе градиме реформата хоризонтално, со партнерство.“
Министерот ја потенцираше и важноста на доследната примена на законите: „Доследно почитување на законот, следење преку индикатори и меѓуресорска координација се нашите главни механизми за успешна имплементација. Ова не е борба против администрацијата, туку борба за администрацијата.“
Со овие реформи, Министерството за јавна администрација работи на воспоставување ефикасен, професионален и интегритетен јавен сервис, како предуслов за европска Македонија и за создавање доверба во институциите.
Мирослав Лабудовиќ, заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини, учествуваше на панелот „Јавната администрација и зелената иднина: Координација, инспекција и акредитација за одржливо општество“, во организација на Движењето ЗНАМ, по повод една година учество во Владата на РМ.
Во своето излагање, Лабудовиќ го претстави новиот Закон за енергетика како еден од најважните системски закони, кој не само што ги имплементира европските директиви, туку отвора нови можности за домашна енергетска независност и одржливост.
„Преку овој закон граѓаните добиваат можност да станат активни учесници во енергетскиот систем, преку енергетски заедници и вложување во заеднички капацитети. Тоа е патот до праведна транзиција“, изјави Лабудовиќ.
Новиот закон воведува механизми за стабилност во снабдувањето, паметни мерни системи и поддршка за складирање енергија. Покрај тоа, се најавени инвестиции во интерконектори со Грција и Србија, хидроелектраната Чебрен, нови соларни и ветерни капацитети и когенеративни постројки.
Дополнително, Министерството работи на закони за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и на нова методологија за дефинирање на енергетска сиромаштија.
„Енергетската транзиција мора да биде социјално одговорна. Со програми за поддршка на ранливите категории и преквалификација на работници, обезбедуваме никој да не остане зад нас“, нагласи Лабудовиќ.